Протест на ултраортодоксните Евреи против задолжителната воена служба во Израел

Десетици илјади ултраортодоксни Евреи излегоа на улиците низ Израел, каде што блокираа патишта и железници во знак на протест против задолжителната воена служба, објавија американските медиуми.

Протестите ги парализираа главните патишта, а поради масовните собири во Ерусалим и во пошироката област на Тел Авив, јавниот превоз беше запрен.

Некои од демонстрантите носеа знаци со кои го осудуваат Израел, со пораките: „Подобро би умреле како Евреи отколку да живееме како ционисти“ и „Одбиваме да служиме во војската за ционистичката религија“.

Воената служба е задолжителна за повеќето еврејски мажи и жени во Израел, пишува Ал Џезира. Меѓутоа, моќните ултраортодоксни партии со децении добиваат ослободувања за своите следбеници за да можат да учат на верски семинарии наместо во војската.

Тие ослободувања сега се доведуваат во прашање бидејќи израелската војска се соочува со сериозен недостиг на војници поради војната на повеќе фронтови и се стреми да го продолжи времетраењето на задолжителната служба.

Повеќето еврејски мажи во Израел мора да отслужат речиси три години воена служба, по што следат години резервна служба. Две години служба е задолжителна за жените.

Back to top button
Close