Протест пред седиштето на ЕВН во Гостивар

– Група гостиварци вечерва одржа протестен собир пред Корисничко енергетскиот центар на ЕВН Македонија во Гостивар.

На собирот тие искажаа незадоволство од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за зголемувањето на цената на електричната енергија за 7,4 проценти. Собирот пред седиштето на ЕВН Гостивар го организираше навивачката група „Кастриоти“.

Целта на протестот е да се истакнат барањата: да се повлече одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, да се намали цената до 20 проценти, да се укине монополот на услугите на ЕВН, да се распушти Регулаторната комисија за енергетика и да се создаде независен арбитражен трибунал во служба на граѓаните кој ќе го проверува квалитетот на услугите од областа на енергетиката.

Во обраќањето претставник на  навивачката група „Кастриоти“ пред насобраните граѓани ги осуди оштетувањата на автомобилите на ЕВН и нагласи:

– „Кастриоти“ како навивачка група ја започнаа оваа иницијатива сами, но сега имаме потреба заедно со граѓаните на Гостивар да формираме Организациски одбор кој ќе се занимава со локалните проблеми поврзани со електричната енергија. Засега најбитно е организирање на протестите во иднина. Минатата ноќ се случи инцидент во Тетово и беа запалени две возила на ЕВН. Апелираме до граѓаните дека насилството не е решение, туку масовноста на протестите. Ние жалиме за штетата на двете возила на ЕВН. Се солидаризираме со граѓаните на кои им поскапе струјата во време на пандемија.

На протесто беа и пратеникот Халил Снопче, градоначалникот Арбен Таравари и други лица од јавниот живот на Гостивар. Тие кажаа дека даваат поддршка на протестот исто како и на претходниот. Оценија дека поскапувањето е парадоксално, особено, како што рече Снопче, во време кога владее криза.

Протестот кој траеше петнаесетина минути помина без инциденти и под надзор на полициски службеници со почитување на растојание и носење на маски. Минатата недела по гостиварските улици имаше протестен марш како дел протестите во Тетово, скопски Чаир, Куманово и Дебар.

Back to top button
Close