Протест пред Владата на Србија: Професорите поднесоа барање за распишување избори
Протест „Да ги одбраниме универзитетите“, организиран од студентите во блокада , иницијативата „Обединето образование на Србија“ и „Бунтовен универзитет“, почна попладнево пред Владата на Србија во Белград. На протестот се бара распишување вонредни парламентарни избори во државата, укинување на владината уредба „5/35“ за промена на структурата на работата на факултетите, распуштање на работната група за изготвување на новиот Закон за високо образование, напуштање на комерцијализацијата и ваучеризацијата на образованието.
„Заради иднината на Србија, мора заедно да ги браниме јавното високо образование и универзитетската автономија. Запирањето на уништувањето на образованието во Србија е можно само со одржување вонредни парламентарни избори“, се вели во заедничката најава за протестот на социјалните мрежи. Студентите и членовите на академската заедница изјавија дека денеска го бранат универзитетот, бидејќи без слободен универзитет „нема слободно општество“.
Академскиот пленум на сите наставници, соработници и истражувачи од територијата на Војводина поднесе петиција до Владата за распишување вонредни парламентарни избори, со намера таа да биде проследена до претседателот на Србија.
Во петицијата, која има 1.525 потписи, се бара од Владата да му испрати на претседателот образложение и предлог за распуштање на Националното собрание, а од претседателот се бара да го распушти парламентот и да распише избори за пратеници по добивањето на тој предлог.
Тие бараат од сите надлежни институции на Србија совесно и одговорно да ја извршуваат својата работа и да овозможат фер и чесни избори, се вели во петицијата.
Била изразена желба премиерот Ѓуро Мацут и претседателот Александар Вучиќ да ја примат петицијата, но тоа не се случило. Тие очекуваат дека властите ќе одговорат на петицијата што е можно поскоро и ќе распишат избори в понеделник, што -според нив е рационална одлука.