Протест пред владата против францускиот предлог


Граѓани вечерва се собираат пред владината зграда во Скопје за да го искажат револтот против францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отпочнување на преговорите со ЕУ.

Протестот, како што велат дел од учесниците, се организира спонтано откако на таков чекор граѓани повикаа преку објави на социјалните мрежи.

„Како човек сметам дека кога има проблем не треба да се премолчува особено вклучувајќи сериозни прашања кои задираат во основните човекови права како што се правото на самоопределување, националниот и културниот идентитет. Онаа порака зошто дојдов денеска тука е да го изразам својот став како граѓанин бидејќи сите можеме да го сториме тоа. Мојата порака е до сите политички партии е дека сите тие се наоѓаат во ситуација кога со некого преговараат и она што би сакала да им обрнам внимание дека ја претставуваат државата во која живеат граѓани со личен интегритет и достоинство и очекуваме од нив така и да се однесуваат. Тоа не е приватна држава, нивен приватен посед туку во неа живеат граѓани кои очекуваат повеќе искреност, достоинство, па макар и цената за тоа да биде влезот во ЕУ“,

рече за Канал 5 ТВ Александра Теменугова, една од учесниците на протестот.
За ставовите дали ќе биде прифатен или не францускиот предлог, од владата денеска се огласи премиерот Димитар Ковачевски, кој посочи дека за нас е прифатливо под неколку услови, меѓу кои и да има чиста формулација за македонскиот јазик, преговорите да почнат пред внесувањето на Бугарите во Уставот, а историјата да не биде критериум во преговарачката рамка.

„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи: чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка; преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот; цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сè уште не е усогласен со Бугарија; секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“,
наведе Ковачевски.

Back to top button
Close