Протест во Скопје за поддршка на Палестина: Присутните побараа итен прекин на огнот во Газа и хуманитарна помош од буџетот на државата

Протестен марш за поддршка на палестинскиот народ во Газа се одржа вечерва во Скопје. Маршот кој започна од пред споменикот против геноцидот во Сребреница, во паркот во Чаир, продолжи низ булеварот „Цветан Димов“ се до Мурат-пашината џамија во Старата скопска чаршија. Присутните побараа „итен прекин на огнот во Газа“ и скандираа „стоп за убивањето на децата во Газа“,„стоп за поддршката на Израел“.

Од Платформата на здруженијата за поддршка на Палестина, која е организатор на протестниот марш, побараа итен прекин на огнот во Газа и повикаа да се даде хуманитарна помош од буџетот на државата.

Во име на заедничката Платформа на граѓански здруженија за поддршка на Палестина се обрати Селма Ризвановиќ – Мандал која во својот говор нагласи дека војната во Газа не почнала на 7 октомври и дека над 11 500 убиени цивили, од кои над 4 630 деца и над 1 милион раселени, не се првите и единствените цивилни жртви во Палестина.

„Палестинското прашање датира од 1948 година и за 75 години окупација, до сега се убиени над стотина илјади цивили во Газа и на Западниот Брег. Од 7 октомври до денес, на секои 10 минути Израел убива по едно дете во Газа. Ова не се само бројки, туку засекогаш затворени мали очиња, прерано згаснати животи на идни студенти, инженери, доктори, новинари, научници, уметници, писатели, сè што можете да си замислите, тоа никогаш нема да бидат. Децата во Газа имаат право на живот, децата во Газа имаат право на мирен сон“изјави Ризвановиќ – Мандал.

Според неа, бројката на жртви во Газа ја надминала онаа на геноцидот во Сребреница кој беше осуден од страна на целиот свет и рече дека граѓаните се разочарани од воздржаното гласање во Обединетите нации.

„Од овој наш собир уште еднаш апелираме до претседателот, премиерот и претседателот на Собрание, да ги послушаат реакциите на граѓаните за прекин на огнот, за непочитување на меѓународното хуманитарно право, како и за испраќање хуманитарна помош од буџетот на државата. Не бидете неми на барањата кои уште пред три недели ви ги доставивме. Дајте одговор веднаш“,истакна Ризвановиќ – Мандал.

Back to top button
Close