Протестен марш: Јавна соба е кривично дело

Ве повикуваме на протестен марш оваа среда, 3 февруари, од 14:30 часот, за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба, од Министерство за внатрешни работи до Јавно обвинителство – институциите кои треба да нè заштитат од насилство, но очигледно не го прават тоа.

Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.

Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени.

Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.

Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции.

Неколку приведени членови и санирање на штети нема да нè замолчат. Будно ги следиме институциите и бараме сеопфатни решенија за превенција на родово базирано насилство.

Маршот ќе започне точно во 14:30 часот пред МВР, а ќе заврши пред Јавно обвинителство. И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите и ги охрабруваме жртвите на Јавна соба, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и побараат правда.

Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.

Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи држава која не постапува, е држава која силува!

Маршот е организиран од Платформата за родова еднаквост и ќе ќе ги почитува протоколите за безбедност.
Ќе носиме маски и држиме дистанца, а адекватен број на редари ќе се погрижат тоа да биде така од почеток до крај на маршот.

Повеќе информации на Фејсбук настанот тука.

Back to top button
Close