Протести и штрајк во државните институции на БиХ доколку владата не ги исполни барањата
Претставниците на синдикатите на вработените во државните институции на Босна и Херцеговина (БиХ) денес ги предупредија властите во БиХ дека ќе организираат протести и предупредувачки штрајк доколку нивните барања не бидат исполнети до крајот на ноември.
На денешниот состанок, синдикатите дефинираа заклучоци, според кои бараат на сите вработени во државните институции на БиХ, освен на избраните и именуваните функционери, да им се исплати еднократен надоместок од две илјади конвертибилни марки (околу илјада евра) најдоцна до 30 ноември.
Исплатата би се извршила од средствата наменети за плати во буџетот за 2025 година, кои досега не се исплатени, се наведува во заклучоците.
Синдикатите исто така бараат буџетот за 2025 година, кој доцни, да биде усвоен до 31 декември оваа година, а Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ дотогаш да усвои амандман на законот со кој се брише одредбата што ја поврзува исплатата на основицата за плата со усвојувањето на буџетот.
Тие изјавија дека таквата промена веќе ја поминала постапката во Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ.
Синдикатите претходно предупредија дека поради неусвојувањето на буџетот, околу 22.500 вработени во државните институции претрпеле материјална штета, со оглед на тоа што одлуката за зголемување на коефициентите за пресметување на платите сè уште не стапила во сила.
„Немаме интерес да штрајкуваме, но ако владата продолжи да ги игнорира нашите барања, нема да имаме друг избор. Доколку работата на институциите се забави, тоа би имало сериозни последици за целата земја“, изјави за новинарите во Сараево Ана Мрњавац, претседателка на Синдикатот на Управата за индиректно оданочување (УИО).
Таа рече дека се надева дека оние што се одговорни за усвојување на буџетот ќе ги слушнат барањата на вработените и нема да дозволат работата на државните институции да биде суспендирана.
На 15 септември, синдикатите на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), Службата за работи на странци (СПС) и Управата за индиректно оданочување (УИО БиХ) поднесоа кривични пријави против членовите на Претседателството на БиХ – Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ, претседателот на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто и министерот за финансии и трезор Срѓан Амиџиќ, за неусвојување на буџетот за оваа година.
Девет дена подоцна, Синдикатот на граничната полиција на БиХ, Дирекцијата за координација на полициските тела (ДКПТ) на БиХ и Независниот синдикат на државни службеници и вработени во институциите на БиХ, исто така, ја овластија адвокатската канцеларија да поднесе кривични пријави против сите министри во Советот на министри на БиХ и членови на државното Претседателство