Протести на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата и министерствата за надворешни работи и правда

ВМРО-ДПМНЕ попладнево на три места, пред Министерството за надворешни работи, Министерството за правда и пред Владата одржа протест под мотото “Оставка на Заев, слобода на народот“. Пред министерството за надворешни работи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи рече дека премиерот Зоран Заев немал мандат да ја брише историјата.

„Овој собир не е против ниту една соседна држава, туку е против Заев и неговата екипа кои ги распродаваат националните интереси за кои живот дале македонските херои. Заев нема мандат да ја брише историјата и да ја пишува тој како што сака. На ова мора да се стави крај час поскоро“, рече Мизрахи.

Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го обвини премиерот Зоран Заев дека додека тој ги обвинувал нив за лажен патриотизам, а соопштувал дека ќе се менуваат учебниците по историја согласно како што вели бугарските желби.

„Лажливецот Заев велеше дека потпишал договор за пријателство со кој се отворени вратите кон ЕУ, а сега гледаме дека тој негов договор ги затвора вратите на ЕУ. Лажливецот Заев нѐ убедуваше дека бугарскиот меморандум бил некаква политичка игра без значење, за да сега гледаме дека токму тој меморандум е официјална државна стратегија. Лажливецот Заев тврдеше дека нема да има анекс на договорот со источниот сосед, а денес гледаме дека преговара токму за тоа“, наведе Мицкоски.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ почна да организира протести од минатата недела, по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС кое поттикна лавина реакции. Во него Заев рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.

Back to top button
Close