„Протести надвор за опстанок внатре“, Жерновски за излегувањето на ВМРО-ДПМНЕ на улица
Антивладините протести што ги најави ВМРО-ДПМНЕ се обид да се релативизираат внатрепартиските превирања и барањата за оставка од партиското раководство, според оценка на Андреј Жерновски, член на Централниот одбор на СДСМ и досегашен заменик-министер за надворешни работи.
Во статус на Фејсбук, насловен „Протести надвор за опстанок внатре“, Жерновски забележува дека партијата која претрпе уште еден во низата политички порази, која не понуди никаква политичка алтернатива и која денеска, како што вели, се соочува со најтешката криза во својата историја, почнува со организирање протести глумејќи загриженост во име на народот.
„Сомнежите за вистинските мотиви на протестите растат брзо колку и падот на популарноста на партискиот лидер. Тој и таквиот сомнеж се најголеми токму меѓу поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, на кои им е повеќе од јасно дека ќе бидат (зло)употребени единствено за зачувување и спас на претседателската фотелја на Мицкоски, а никако во битка за политичка алтернатива која претендира да понуди нов и автентичен политички проект, или барем наратив во државата -пишува Жерновски.
Според него, несмасни и крајно наивни се обидите на Христијан Мицкоски да ја урива владата на Зоран Заев, која беше избрана пред 10 дена и која, како што вели, сѐ уште не се сместила во кабинетите.
„Деструктивноста и неодговорното однесување ќе им го оставиме на Мицкоски и на остатоците од Груевски. На оваа држава ѝ се потребни сите граѓани, до еден. Немаме време и простор за поделби бидејќи нѐ чекаат реформи за остварување на генерациската борба за влез во европското семејство, па затоа опортуното и дефанзивно дејствување на старо-новата ВМРО-ДПМНЕ е товарот на ова општество што треба да се отстрани за да успееме во нашите битки за стабилна и економски напредна македонска држава -коментира Жерновски.