Протести во 10 српски градови: „Србија не може да се смири“
Студентите во блокада за вечерва најавија нови протести под мотото „Србија не може да се смири“. Според организаторите, собирите ќе се одржат на повеќе локации во главниот град, како и во уште девет градови низ земјата.
Како причина тие ги наведуваат прекумерната употреба на сила од страна на полицијата, како и нападите врз демонстрантите извршени од маскирани лица и приврзаници на Српската напредна партија.
Повеќето собири почнуваат во 20 часот, а најголемиот се очекува во Ваљево. Таму граѓаните ќе протестираат против, како што велат организаторите, „изживувањата и малтретирањето на полицијата врз сите кои не се согласуваат со режимот на претседателот Александар Вучиќ, вклучително и врз малолетници“. Дополнително, демонстрантите ги обвинуваат маскираните групи и за уништување на повеќе објекти.
Демонстрациите траат уште од ноември минатата година, кога при уривање на покривна конструкција на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица.