Протести во Тел Авив против војната со Иран, полицијата интервенираше

Повеќе од илјада лица вечерва протестираа во Тел Авив против војната што Израел ја води против Иран и движењето Хезболах во Либан, барајќи нејзино запирање, по што полицијата ги растера демонстрантите.

„Не бомбардирајте, разговарајте“, извикуваа учесниците на протестот кои се собраа во центарот на градот. Дел од нив носеа транспаренти со пораки насочени кон израелските власти, меѓу кои и порака дека премиерот Бенјамин Нетанјаху претставува закана за државата.

Блискиот Исток е во воен конфликт од 28 февруари, по заедничкиот американско-израелски напад врз Иран, на што Техеран возврати со ракетни напади и напади со беспилотни летала кон Израел и други земји во регионот.

Движењето Хезболах се вклучи во конфликтот на 2 март, по убиството на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи во Техеран. Израел одговори со воздушни напади низ Либан и копнена офанзива на југот од земјата.

Набргу по почетокот на протестот, полицијата, која претходно дозволила собир до 150 лица поради безбедносни причини, интервенирала и ги оттурнала демонстрантите, од кои дел повторно се вратиле или седнале на улица.

Еден од организаторите, Алон-Ли Грин од движењето „Стоиме заедно“, изјави дека полицијата се обидува да ги замолчи, но дека нивна должност е да продолжат со протестите. Тој нагласи дека бараат крај на војната во Иран, Либан и Појасот Газа, како и прекин на насилството на Западниот Брег.

Дел од учесниците изразија сомнеж во оправданоста на војната. Шеесет и двегодишна демонстрантка изјави дека се противи на конфликтот и дека не верува во причините наведени од владата.

Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека еден војник загинал во борбите на југот на Либан, со што бројот на загинати војници од почетокот на судирите на 2 март се искачи на единаесет.

 

Back to top button
Close