Протести во Виена во против најавениот карантин, приведени демонстранти кои фрлале шишиња кон полицајци

Илјадници луѓе денеска протестираа во Виена против строгите рестрикции за заштита од ковид-19 кои вчера ги најави австриската влада.

Според медиумските извештаи, на протестот присуствувале околу 35 000 луѓе, а истиот бил обезбедуван околу 1 300 полицајци. Полицијата објави и дека привела неколку лица, а како што пренесуваат медиумите, дел од демонстрантите фрлале шишиња кон полицајците.

Демонстрантите скандирале „слобода“ и голем дел од нив не носеле маски со што ги кршеле правилата за организирање на големи собири.

На отпор кон мерките во Австрија претходно повика и радикалната десничарска партија ФПО, која е трета по големи во австрискиот парламент. Нејзиниот лидер Херберт Кицкл, кој во моментов е позитивен на ковид-19, порача дека во Австрија на пат е воведување „диктатура“ и повика на жесток отпор против мерките.

Вчера, австриската влада соопшти дека од понеделник стапува на сила национален карантин за целото население, без разлика дали некој е вакциниран или не, а од 1 февруари 2022 вакцинацијата ќе стане задолжителна за сите.

Ковид-рестрикциите предизвикаа протести и во други земји. Во Холандија денеска беа регистрирани насилни демонстрации во кои имаше и ранети лица, а се протестираше и во Хрватска.

Back to top button
Close