Протестните дебакли на ВМРО-ДПМНЕ
Зошто се протестите што ги организира опозицијата редовно многу слабо посетени, предвидливо здодевни, политички бледи и тотално непродуктивни?
Има неколку можни одговори за тоа.
Прво, сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, колективно, е веројатно со најнизок степен на углед и легитимитет меѓу членството, но и во пошироката јавност, во последните 30 години. Дополнително, таа партија секогаш тежнеела кон харизматични лидери, а Мицкоски има врска со харизма колку филе од скуша во конзерва со масло од соја. Треба уште многу лимон, малку нане и бибер, сол по желба и половина литар олив-оил за, откако ќе се изгаси светлото, да почне да глуми порција лосос… Па и со толку дополнителен мастраф, опозициското членство (а и јас!) повеќе милува десетка со кромид и пиво.
Не е Мицкоски можеби ни виновен за тоа: од една страна, лидерот на опозицијата природно не поседува лидерска харизма, бидејќи неговиот политички стил е премногу професорски, церебрален, екс-катедра интелектуален, ужива да ги победи противниците со остроумност, а не со шарм и енергични уверувања.
Мицкоски е класичен лидер кој би бил подобар за на квиз, одошто за на митинг. Оние околу него не ги бива ни за во крстозбор.
Добро, немаше ни Груевски никаква природна лидерска харизма, но тоа го компензираше со огромниот, скап пропаганден апарат што околу него, упорно и долготрајно, градеше цел „Кинески ѕид“ од недопирливост, чесност, технократска способност, работливост… И страв! Па и тоа се сруши како кула од карти.
Во случајот на Мицкоски, она што остана од партиската пропаганда, него рутинирано го отсликува таков каков што е: нервозен политички калкулант кој се бори да ја сочува подарената партиска функција. Но, дури и во пропагандата има граница до која секој нов пораз може уверливо да се претставува како победа. Во самата партија многу луѓе велат дека таа граница одамна е помината.
Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.