Противвоздушни системи С-300В4 распоредени на Курилските острови
Руските противвоздушни ракетни системи С–300В4 се распоредени на Курилските острови, објави прес–службата на Источниот воен округ (ИВО).
Командантот на округот, Генадиј Жидко, претходно лично извршил инспекција на подготвеноста на системот.
Според руските медиуми, тој високо ја оценил кохерентноста на системот и на дежурните сили за време на обуката за вежбање акции по добивање сигнал за кршење на воздушните граници на Руската Федерација на Курилските острови.
Системите С–300В4 се современи високопрецизни системи за противвоздушна одбрана и се дизајнирани да ги штитат важните објекти од напади со балистички и аеродинамични средства од воздух.
Ова е четврта верзија на надградениот противвоздушен ракетен систем С-300В.