Проверка на факти: Дали Хитлер бил комунист

Најбогатиот човек на светот и канцеларската кандидатка на деснопопулистичката, делумно и екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД), во четвртокот, на 9 јануари, на платформата Х зборуваа на различни теми. Илон Маск и Алис Вајдел изнесоа многу тврдења, за кои ДВ порано веќе изврши проверка.

Но, едно од нив, она за нацизмот и Втората светска војна, е особено контроверзно: Алис Вајдел тврди дека Адолф Хитлер не бил „десничар“ туку „комунист“. Тоа ревизионистичко тврдење, односно обидот да се ревидира историјата во врска со нацизмот, не е ново. Се појавува секогаш одново.

 

Ова е проверка на фактите на Дојче веле:

Тврдење: „(Нацистите) ја национализираа цела индустрија. (…) Најголемиот успех по таа страшна ера од нашата историја беше да го наречеме Адолф Хитлер десничар и конзервативец. Но, тој беше сосема спротивно од тоа. Тој не беше конзервативец. Тој беше тој социјалистичко-комунистички тип“, рече Алис Вајдел за време на разговорот на платформата Х. Во последователен разговор за германската приватна телевизија НТВ, таа повтори: „Не отстапувам од тоа: Адолф Хитлер беше левичар“.

Проверка на факти на ДВ: Неточно

Тоа тврдење е лажно и ги минимизира злосторствата извршени под нацистичкото водство на Адолф Хитлер помеѓу 1933 и 1945 година. Алтернатива за Германија, која во Германија се смета за докажано екстремно десничарска, често се обидува да се дистанцира од нацистите. А влијателните Американци, како новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс, понекогаш шират неточни изјави за нацистичката историја на Германија.

Околу 200.000 луѓе ги слушаа Алис Вајдел и Илон Маск во живо на ХОколу 200.000 луѓе ги слушаа Алис Вајдел и Илон Маск во живо на Х

 

Хитлер не бил комунист

„Она што го презентира г-ѓа Вајдел е чиста глупост, која не сакам дополнително да ја легитимизирам со сериозно занимавање“, напиша германскиот историчар Томас Зандкилер како одговор на проверката на ДВ. Во исто време, многу корисници на интернет се чини дека веруваат во тврдењата на Алис Вајдел.

Историчарот Михаел Вилд, експерт за нацизмот, тврдењето на Алис Вајдел го нарекува „голема глупост“. „ Хитлер од самиот почеток грубо и брутално го нападна марксизмот, а првите жртви, кои беа уапсени, мачени и убиени во концентрационите логори во 1933 година, беа левичарите, комунистите, социјалдемократите, социјалистите“, објаснува Вилд во интервју за ДВ. Дури и од економска перспектива, Хитлер не бил левичар. „НСДАП не ги допре имотно-правните односи“, вели историчарот.

„Особено од економска перспектива, Хитлер не бил комунист“, потврдува во интервју за ДВ Томас Вебер, историчар и автор на книгата „Becoming Hitler: The Making of a Nazi”. „Комунизмот има за цел укинување на приватната сопственост, укинување на економија ориентирана кон профит и трансфер на клучните средства за производство (на пример рудници и фабрики) и природните ресурси во заедничка сопственост“, вели Вебер. Хитлер го отфрлал сето тоа.

Хитлер бил антисемит и расист

Хитлер исто така не може да се нарече комунист затоа што бил антисемит и расист. „И тоа нема никаква врска со идејата за комунистичко општество каде луѓето се еднакви, тоа е сосема спротивно“, вели историчарот Вилд.

Политичкото движење на нацизмот не беше социјализам. Не настана дури во ерата на Хитлер, туку по Првата светска војна – но до Втората светска војна, тоа се зацврсти. Бранденбуршката централа за политичко образование ја опишува таа идеологија на следниов начин: „Нацизмот беше силно националистички, антидемократски, антиплуралистички, антисемитски, расистички, империјалистички и антикомунистички.“ Освен тоа, расистичката дискриминација на малцинствата до геноцидот играше централна улога.

Постоело социјално револуционерно крило на НСДАП

Нацизмот користеше некои социјалистички идеи и термини како „социјалистичка“ и „работничка партија“ за да ги освои гласовите на работниците и да дојде на власт во 1933 година. Но, работните и социјалните права на нацистите, по преземањето на власта, резултираа со репресија, прогон и убиства на комунисти, социјалдемократи и синдикалци.

Во раните денови на НСДАП постоело самопрогласено социјалистичко крило, но тоа било елиминирано уште пред да ја преземе власта во 1933 година. Во јуни 1934 година, Хитлер наредил убиство на еден од водачите на тоа крило, Грегор Штрасер, заедно со другите противници во партијата. Тоа таканаречено Штрасерско крило, според историчарот Вилд, сакало народен социјализам во корист на германските работници, но останало расистичко и антисемитско како и остатокот од НСДАП.

Затоа повеќето историчари одамна се согласија дека нацизмот и социјализмот не можат да се изедначат. Но, тоа е токму она што многумина се обидуваат да го направат – од политички причини, вели Томас Вебер.

„Тоа прашање обично се разгледува премногу тесно – дали Хитлер бил левичар или десничар. Потоа, од десната страна, се обидуваат да зборуваат за него како класичен социјалист и левичар, што нема смисла. Или има обид да се сведе употребата на терминот ‘социјализам’ од страна на Хитлер и нацистите на предизборен трик. Ниту тоа нема смисла, бидејќи игнорира како Хитлер и нацистите се дефинирале себеси, како гледале на светот и како се обидувале да го променат“, заклучува Вебер.(dw)

Back to top button
Close