Прозорец со поглед кон улицата

Овојпат пишувам во едно малечко градче на белгискиот брег на Северното Море. Иако не сум првпат во Белгија, досега секогаш патував со воз.

 

Од прозорецот на денешните брзи возови, на патникот му се чини дека околината крај него е подвижна слика, па затоа, можеби, веднаш ја заборава. Затоа немам претстава за посебноста и убавината на Белгија. Овојпат патувавме од Келн со кола во градчето Бредене, близу до прочуеното пристаниште Остенде, крај каналот„Ла Манш“.

Чудно, природата низ која патувавме не ме восхити така, како што ме восхити холандската, кога првпат патувавме во правец на морето, а јас во старите куќи крај автопатот ги гледав сликите на Јан Вермер. Можеби затоа што многу го сакам Вермер, окото ми е изострено да го детектирам во мигот вермеровскиот поглед низ отворената врата во ниските холандски стари градски куќи. Уште повеќе што тие се чинат дека се непроменети од неговото време. Секако, ги почитувам, но не им се восхитувам на ист начин и на старите фламански мајстори од Франдрија, која од 1830 е дел од Белгија. Делата на Јан ван Ајк и Бројгел се наоѓаат во овдешните музеи. Прочуениот Џејмс Енсор живеел во Остенде, големото пристаниште близу до Бредене, целта на нашето патување. Тоа не‘ водеше од едниот крај на Белгија до другиот, а мене се‘ ми беше некако туѓо, како некој свет што е затворен во себе. Додека поминувавме крај малечки селца со куќи со кафеави и сиви фасади, кои во мене будеа тивка тага, сфатив дека ги доживуваме земјите како „ближни“, само која имаме своја слика за нив. Во вчерашниот облачен ден, белгискиот пејзаж за мене беше само сиво-во-сиво.

Се‘ додека не стигнавме во делот на Бредене во кој беше малечката уличка, со редицата стари ниски куќи. Со бели фасади, покриви со црвени ќерамиди, градини со стари видови цвеќиња. Подоцна дознав дека биле градени во минатиот век. Градините, оградени со метална или зелена „жива“ ограда, ме поздравуваа како одамна да ме познаваа. Иако јас не знаев каде сме можеле да се сретнеме. Сопствениците на куќата што ја изнајмивме, ми објаснија дека таа била изградена во 1930 година, а откако ја купиле ја модернизирале. Малечката куќа беше уредена како да сум ја уредувала самата, во минималистички стил. Тоа беше првиот момент на блискост.

 

Чувство на „дома“

Пред да се спушти самракот, седнав крај трпезариската маса, погледнав низ големиот прозорец кон градината со зелениот тревник, кон оградата, и кон трите средно високи дрвја пред неа. Многу ретко сум имала во дотогаш непознати места неочекувано чувство дека сум стигнала „дома“. Тоа му го кажав на мажот ми, а тој само се насмевна поради мојата писателска фантазија. Сепак, продолжував да повторувам дека го познавам тој поглед низ прозорецот, додека седам крај трпезариската маса. И дека тоа е најдобрата положба за трпезариската маса. Знаев дека таа слика за мене е сликата на тоа „дома“ што го оставив во Скопје. Тоа беше погледот на татко ми и на мајка ми, додека седеа на челото на маса во нашиот скопски дом. И гледаа кон градината и кон улицата! Татко ми секое утро уживаше во тој поглед со првото кафе. Гледаше кој веќе заминува на работа. Кога татко ми почина, мајка ми се радуваше на погледот кон градината и улицата, се‘ додека не почина. Во пролет таа во тихост се восхитуваше на расцутениот стар трендафил, до високата железна капија. И овде, во белгиската куќа, има железна капија. И тревник со зелена, негувана трева, иста како таа во тој друг двор, од моето скопско детство и младост.

Утринава неколкупати станав и пак седнав крај масата, загледана кон улицата, за да се осигурам дали е уште тука тоа чувство како да сум се вратила „дома“. Тука беше, дури и се засилуваше. Ги гледав трите средно ниски врбови дрвја како да ги знаев отсекогаш. Но тие дрвја сега за мене не беа врби, туку трите вишни кои брат ми Наум ги засади кога по земјотресот се преселивме во куќата. На иста положба, крај оградата. Така една дотогаш непозната улица и една малечка куќа во еден белгиски град крај морето, го разбуди во мене чувството за дом во Скопје во времето кога уште беа живи и моите родители и брат ми. Кога сите бевме млади и кога во тој преден двор седевме до доцна во ноќта под црешите по роденденските журки со колегите од студиите по филозофија и дискутиравме за Кант и Хегел, за среќната иднина. И чекавме да почне да се разденува, за тие што живееја подалеку да го фатат првиот автобус за центар.

Веќе ги гледав во умот вишните на брат ми и старата бандера крај нив, со жици виснати во воздухот. Во еден миг погледнав кон дворот на соседната куќа во белгиската уличка. Крај живата ограда здогледав крошна на цреша, а крај неа, како гостин од минатото, стара бандера. Иста како таа во скопската улица! И нејзините жици висеа во благ лак, како да беа преморени! Сето претпладне постојано се загледував во црешата и во бандерата.

Живот, погледнат од прозорецот

Секако, сликата на моето скопско „дома“ одамна е минато, па затоа таа живее само во мојата емотивна архива. Ја разбуди погледот од прозорецот врз една непозната улица. Ја разбуди спокојот што владееше во таа улица. Луѓето што поминуваа, одејќи кон плажата, со кучиња или без нив. Или се враќаа од пекарот, со свежи земички за неделниот појадок. Тие погледнува бегло кон прозорецот крај кој седев, а некои благо кимнуваа за поздрав. Како што погледнуваа сите соседи кон скопскиот прозорец, зашто знаеја дека зад него седи татко ми или мајка ми. И со за нив невидлив поглед ги поздравува. Тој спокоен ред на животот во оваа белгиска улица, ми го разбуди чувството дека сум се вратила „дома“.

 

Сигурно многумина од одамна заминатите од Македонија имаат доживувања слични на моево, кога сликата за „дома“, која ја понеле со себе кога заминале на Западот, одеднаш ја препознаваат во некој агол од нивниот нов свет. Тие што останале дома, најчесто не се свесни за тој поинаков поглед врз нивното здодевно секојдневие, затоа што никогаш не го напуштиле и, можеби, затоа никогаш не ја сознале неговата убавина. Со тага помислив дека од толку многу политика, денес луѓето во Македонија ја заборавиле убавината на тој спокој и блесок на обичното секојдневие. Тие заборавиле дека нивните деца „бегаат“ на Западот и поради тоа што, откако започна транзицијата, македонското секојдневие се преобрази во бескрајна низа од катастрофи. Затоа младите, заминати од Македонија, во новиот свет стекнуваат сензибилитет да препознаат улици, во кои само тие чувствуваат небаре во нив живее изминатото време. А тоа за нив, како и за мене, навистина може да биде повикано во живот во секој миг. Тогаш, можеби, и тие го препознаваат прозорецот со поглед кон улицата. И ја согледуваат важноста на градината, негувана со љубов. И убавината на спокојната (и чиста!) улица, таа чудесна променада на секојдневието. Само затоа таа слика е симбол за спокојот и радоста на обичниот живот, што се одвива постојано со ист ритам. Животот, погледнат од прозорецот со поглед кон улицата (dw)

Кица Колбe

Back to top button
Close