Прв црв
Лесно е да се биде генерал после битка, ама ај да видиме што имаме на теренот.
Прво, Заев ветуваше Влада без ДУИ, затоа што со кадри на ДУИ нема ниту прогрес, ниту борба против корупција. Не успеа да го оствари ветувањето. Ахмети ветуваше премиер Албанец. Не успеа да го оствари ветувањето. Така што, и двајцата се губитници колку што се и добитници.
Второ, велат дека Заев можел да ја испреговара подобро позицијата во новата Влада. Со што? Со 46 пратеници? Би било супер СДСМ и коалицијата со Беса да имаа освоено барем уште два-тројца пратеници повеќе, а ДУИ исто толку помалку. Ама, не е така. Бројките се такви какви што изгласаа граѓанките и граѓаните на 15 јули. Барем Заев во претходниот мандат кога тргна со 49 пратеници, па успеа да направи историски пресврт со влезот во НАТО, има докажано дека е практичен и дека целта ги оправдува средствата. Па и овој пат реши да игра со тоа што го има в рака. Не да жали за тоа што го нема.
Трето, критичарите на новата влада прашуваат: Со кој памет им дава министерства на ДУИ? Како со кој памет? Па, со паметот што го диктираат изборните резултати. Со паметот на граѓанките и на граѓаните што ги гласаа. И со паметот на тие што не гласаа на изборите.
Четврто, ако Заев не успее да направи Влада со ДУИ, тогаш Влада ќе прави Христијан Мицковски. Секако и таа – со ДУИ.
Петто, ако ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ не успееја да се договорат со ДУИ, ќе требаше да се оди на нови избори.
Така што, си добиваме Влада таква како што е ситуацијата на теренот и што ја одразува волјата на народот. И на тие што гласаа во време на пандемија и на тие што ги мрзеше да се вратат од Охрид и Маврово на 15 јули оти не им било безбедно за здравјето. На тие што викаат „сите се исти“ ионака им е сеедно. А тие што не ги интересира политика, ионака не ги интересира ни кој е министер, ни кој е пратеник, ни кој е директор на јавно претпријатие.
Доаѓа есен. Вистинско време за правење ајвар. Тие што за инает викаа „Е, не ви гласам“ и „Немам за кого да гласам“ сега нека лупат пиперки место да мрчат за Владата и за ДУИ во Влада. Оти, повеќе се секираа за ајварот уште од 15 јули.
…
Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука