Прв дијалог за човекови права меѓу ЕУ и Саудиска Арабија

Претставници на Европската Унија и Саудиска Арабија вчера првпат се сретнаа во рамки на Дијалогот за човекови права, а ЕУ ги поздрави реформите во оваа земја, јави дописничката на МИА од Брисел.

Дијалогот се фокусира на сите аспекти поврзани за човековите права и посебно правата на жените. Брисел изрази задоволство што се преземени значителни чекори за саудиските жени и ги охрабри властите да продолжат да работат кон целосна реализација на женските права.

Двете страни се осврнале и на судските реформи и реформите во работничките права. Саудиска Арабија се соочува со сериозни нарушувања на првата на домашните работници и работнички, често експлоатирани од страна на богати семејства.

– Дијалогот даде можност да се отворат прашања за човековите права. ЕУ изрази загриженост за рестриктивната средина во однос на граѓанските и политичките права, вклучително слободата на изразување, здружување, религија и верување, соопшти ЕУ по средбата.

Саудиските власти се охрабруваат да воведат мораториум врз смртната казна.

Платформата за дијалог меѓу ЕУ и Саудиска Арабија е дел од Европската дипломатска служба. Делегацијата од страна на ЕУ ја предводи Имон Гилмур, специјален претставник на ЕУ за човекови права, а саудиската страна ја застапува Авад Салех Алавад, претседател на комисијата за човекови права.

Back to top button
Close