Прв смртен случај од Омикрон

Британија го потврди првиот случај на починат пациент заразен со новата варијанта на корона вирус Омикрон, а десет пациенти се во болница со мутираната варијанта во англиските болници.

-За жал, пациентите кај кои е регистриран Омикрон завршуваат во болница, а, за жал, барем еден пациент кој се разболел од овој сој починал, соопшти британскиот премиер, Борис Џонсон.

Тој порача дека треба многу да се внимава.

-Идејата дека ова е на некој начин поблага варијанта на вирусот треба да се стави на едната страна, а од друга страна да се гледа пошироката слика и како тој забрзано се шири. Најдоброто нешто што можеме да направиме е да примиме бустер доза, изјави британскиот премиер.

Обединетото Кралство претходно го подигна „нивото на тревога“ поради сојот омикрон во целата земја. Премиерот Џонсон тогаш ги повика сите граѓани што поскоро да добијат бустер доза од вакцината бидејќи, како што истакна, Велика Британија е во вонредна ситуација.

Во своето денешно обраќање премиерот рече дека Омикрон сега е присутен кај 40 отсто од пациентите заразени со коронавирусот во Лондон.

Back to top button
Close