Прва квир лектира

Кога пошироката јавност на социјални мрежи почнува масовно да хистеризира, губи фокус и па и малкуте аргументирани критики се губат во поплавата бес и логореа, тогаш е право време за текст за исклучително книжевно дело. Колку и да е чини залудно, самата атмосфера укажува на нужноста некогаш потполно арогантно да се игнорира какафониската бесмисленост. Во случајов, за доброто на некои идна, се надевам, поумна јавност.

Идејата за прва квир лектира во македонското образование за учениците во средни училишта како идеја се појави на промоцијата на „Лето во кое те нема“на Петар Андоновски.

Како некој кој се занимава со тоа и како дел од докторските истражувања, ја оставив, како и секоја фина идеја, да отстoи, се додека во текот на истражувањето не наидам на дело кое е вредно за да биде вклучено во листата лектири.
Не доволно добро.
Не дај боже информативно, но без книжевна вредност.
Кога станува збор за лектира, според мене, мора да биде ништо помалку од одлично.
И се појави.
Но за тоа малку подолу.

За почеток, за односот кон квир-литературата во средно образовние се обратив до министерствата за образование (или агенциите и соодветно сличните институции кои се одговорни за тоа) во скандинавските земји, Германија и Холандија.

Образованието нема избор освен да ги следи најдобрите примери, па уморна од релативизирањето и држењето во доменот на здодевен комфор на „па види како ќе биде тоа прифатено“, па ајде да видиме „како е тоа решено во земјите од регионот“ решив да го напуштам регионот и да се обратам до оние образовни системи во европскиот круг на демократски земји кои кои пледираме.

шведското министерство за образование кратко одговорија дека наставниците имаат целосна слобода да проценат каква литература ќе им дадат на учениците, на основа на курикулумот.

Во Норвешка професорите, исто така имат слобода во изборот на литература, но од таму потенцираа дека, согласно националната програма, учениците учат за различните сексуални ориентации и варијации во родовиот идентитет и родовиот израз.

-Важно е образованието на училиштето ,поврзано со сексуалноста, да помогне да се изградат правилни ставови  кои промовираат еднаквост, толеранција и почит – кратко одговорија од таму.

Сличен генерален одговор ни дадоа и од германскиот совет на Министри за образование и култура каде истакнаа дека „LGBT+ темата е рефлектирана и вклучена во училишните закони, образовните планови и рамковните наставни програми во сојузните држави.
Училиштето како место на толеранција и космополитизам треба да им овозможи на младите да најдат сопствен идентитет и да се артикулираат слободно и без страв од дискриминација. Соочувајќи се со други идентитети, ставајќи се на нивно место учениците тие ја изоструваат свесноста за сопствениот идентитет. Притоа, тие учат дека различноста е општествена реалност и дека идентитетот на другите не претставува закана за сопствениот идентитет. Училишните книги се применуваат особено ако се во согласност со основните права што се применуваат на слободниот и демократски основен поредок, како што се почитување на човечкото достоинство, слободен развој на личноста, еднакви права на мажите и жените, слобода на верување и совест, принципи на владеењето на правото, имено барањето за еднаквост или законските регулативи“.

Холандија ни одговорија дека таму има ЛГБТ+ литература за сите возрасти, како и дека Министерството за образование, кое „има многу отворен став кон ЛГБТИ литературата“ поддржува организации како www.queerboeken.nl –  формирана со финансиска поддршка од Министерството за образование која промовира ЛГБТ+литература.

Од 2012 година, холандските основни и средни училишта се обврзани да ги едуцираат учениците за сексуална разновидност, како една од основните цели на образованието. На часови по јазик, учениците по сопствен избор избираат книги за читање.

– Постојат многу книги со ЛГБТИ теми од кои можат да изберат – потенцираа од таму.

Финската национална агенција за образование одговори дека во Финска, слично како Шведска, листите за литература ги прават самите професори, па „не може да се процени до кој степен квир-литературата е застапена на листите на литература, но темата е битна во контекст на основните вредности на образованието“ .

Но, дополнително ни испратија и листа на следниве дела препорачани од библиотеката во Хелсинки (Helsinki city library) за деца помеѓу 14 и 15 години:

Beggy Albertalli,  Simon vs. Homo sapiens agenda

Meredith Russo,  If I Was Your Girl  (приказна за транс-жена)

Sarah Prager, Queer, There and Everywhere: 23 People Who Changed the World

Ни испатија и листа на квир-дела во рамки на Lukuklaani проектот (Читачки клан) проектот која се препорачува за деца помеѓу 13-15 години се препорачуваат следниве наслови

Во високо-средно образовение (16-19 години) застапени се следниве квир наслови:

Marja Björk, Poika (’Boy’, in Finnish, 2013)

Pajtim Statovci, Kissani Jugoslavia / Bolla (’My cat Yugoslavia’ ’Bolla’ translated in English) https://en.wikipedia.org/wiki/My_Cat_Yugoslavia

Jeffery Eugenides, Middlesex (in English)

Johanna Sinisalo, Ennen päivänlaskua ei voi (’Not Before Sundown’ translated in English) https://en.wikipedia.org/wiki/Not_Before_Sundown

Jonas Gardell, Älä koskaan pyyhi kyyneleitä paljain käsin (’Do not wipe tears with bare hands’) https://en.wikipedia.org/wiki/Jonas_Gardell

Pirkko Saisio, Punainen erokirja (’Red book of separation’, The Autobiographical Trilogy 3), Finnish, 2003)

Marja-Leena Parkkinen, Ulos kaapista (’Out of the closet´, Finnish, 2003)

Jenni Holma etc. Näkymätön sukupuoli (’Unseen gender’, Finnish, 2017)

Maiju Ristkari etc. Sukupuolena ihminen (’Human being as gender, Finnish, 2018)

По овој краток вовед би преминала кон конкретното дело:

 

RELEASE

„Ослободување“ (Release) на Патрик Нес е исклучителен роман, чие дејство е сместено во еден ден од животот на Адам Торн после кој животот нужно ќе се смени. Или да го сведеме на колоквијално надуената фраза „после кој ништо веќе нема да биде исто“.

Романот е конципиран како приказна сместена во само еден дел, прeполна реминисценции и исклучителни дијалози за денот кога, како резултат на серија иритантни околности (тензија која ја предизвикува долгогодишното криење на својата сексуална ориентација, живот со конзервативни родители во семејство со татко свештеник, и сексуално вознемирување на работа) Адам се аутира.

Паралелно, и на ниво на приказна потполно неповрзано, по секое поглавје за Адам има ново – приказна дух на девојка, која талка во обид да ја состави приказната за  тоа како загинала.

Едновремено како клучни ликови се појавуваат тинејџер, во релации со неговото конзервативно семејство и нивното ужасно ригидно толкување на Бог, наспрои дух кој излегува од езерото да го прогонува својот убиец и да воспостави правда.

Додека умен и сензитивен тинејџер размислува да даде отказ проади сексуално вонемирвање, тагува по својата пропадната релација, на раб е да влезе во нова и стравува од заминувањето на неговата најдобра пријателка во Европа еден избезумен Дух ја составува слагалката на својата прерана смрт.

Две потполно неповрзани приказни, во текот на дејството се поклопуваат во темите за проблематичните семејни односи, чувството на неприфатеност кое ги направило отворени и ранливи пред емотивните манипулации, гневот кој постојаното потиснување и криење неминовно го создава, тагата, но и конечно како што  самиот роман е  насловен конечното ОСЛОБОДУВАЊЕ.

Низ првата реченица „Адам ќе мора сам да ги купи цвеќињата“ но и сместеноста на дејството во еден ден кој завршува со забава, реферира на една од најпознатите први реченици во историјата на книжевноста „Госпоѓа Даловеј рече дека сама ќе си купи цвеќе“.

Реферирањето на  Г-ѓа Даловеј на В. Вулф се случува и низ повремена употреба на техника на „тек на свеста“  низ која претставува длабоко психолошкото портретирање на неколку релации, но при тоа Нес е свесен за возраста на читателите и го прави тоа на начин што делото ве впива, а немате чувство дека станува прехерметично и „постои за да ве отече“.
Конечно тоа не би требало да му се случи на ниту еден средношколец и да му го одмили читањето, па колку и делото да е „значајно во историјата на книжевноста“.

Покрај сите аспекти од романот кои би можеле да се коментираат (но тука не ми е цел да го раскажувам ) клучно е проблематизирањето на.оној аспект на личноста на адолесцентот, кој никогаш не се чувствувал прифатен целосно во целта своја автентичност и „различност“, во постојан грч да сокрива еден  важен дел од својата личност за да биде прифатен и сакан. За да се чувствува вреден и дсотоен за љубов.Да се сомнева дали би бил сакан доколку би бил потполно отворен, што е можеби причината која  понатаму од него прави личност склона кон претерана емотивна флексибилност, прифаќање на перфидна емотивна доминација, се со цел да биде „вреден за љубов“, да се смали за неговата автентичност и емотивни потреби да не го истераат или исплашат партнерот.

Истовремено, се фрла ново светло на табуто кое не смее да се допре, идејата за „безусловната“ родителска љубов.
Но со оглед на тоа што дејството е сместено во само еден ден, и завршува со позитивна порака за отвореност и поправање на некои релации, односно оптимизам кон она што носи наредниот ден, се остава отворен простор за ревоспостаување на односите со родителите.
Во еден дел романот е исклучително корисен „роман за родители“.

Согласно начинот на пристап кон деликатни прашања и темите кои ги обработува, романот има случности со искличително гледаните „Sex education“ и „13 reasons why“на Нетфликс, би бил соодветен за ученици над 16 годишна возраст, што е случај и со овие две серии.

Интересен е и ликот на девојката-дух низ кој Нес успева да ги вклопи двете основни причини поради кои духовите во историјата на книжевноста се појавуваат во светот на живите – траумата и незавршената работа, но и показател на современи општествени проблеми и стравови – во случајот семејно насилство, насилство во врска и последици на болест на зависност.

И конечно, концептот да се одбие да се биде жртва, одговорноста за сопственаата среќа (или сопствениот спокој) да се префрла кај Друг како порака му е неопходна на ученикот од Македонија кој, не по своја вина, расте и се гради во менталитет на „ниска самодоверба во сопствените можности и капацитети, и чувство на беспомошност, како одбранбена позиција, со надежен поглед кон иднината што некој друг треба да ја обезбеди (Лина Ќостарова).

Ваквите дела му застануваат на патот на развојот на таков колективен дух.

 

                                           „Simon vs. the Homo Sapiens Agenda“

Ми се чиниеше дека „Release“ е сам по себе исклучителен и прави разлика од останатите „coming out“ романи се додека во препораките од Холандија и Финска неколку пати не беше потенциран и „Simon vs. the Homo Sapiens Agenda“ на Беки Арбетали.

Приказна за една анонимна преписка, која резултира со куп вознемирувачки настани кои водат кон присилено аутирање.

Без банализирање на траумата на присиленото аутирање и он-лајн булингот, сепак атмосферата која Арбетали ја создава е понежна и повесела. Веројатно фактот дека станува збор за авторка – клинички психолог која работела со адолесценти додека минувале низ искуство пред и по аутирање ја прави вешта и искусна во правилно отворањето и артикулирање на таквите комплексни и значајни искуства пред адолесцентската читателска публика. Книгата е наградена со German Youth Literature Prize,  номинирана за Nаtional Book Award, а Wall Street Journal ја оцени како еден од најдобрите романи за млади.

Додека „Release“ e далеку потензичен, помрачен и поболен, сепак двата романа завршуваат со нова љубовна релација. Односно со суптилна порака дека животот нема да остане така комплициран како што се чини во моментот кога сме „заглавeни“ во емотивен хаос. Во хаос кој имаме впечаток дека ќе трае вечно.

Од сите овие (и уште куп други причини) овие два наслова би биле одличнa новоста на листата на изборни лектири за трета и четврта година во средно образование.

Би било непотребно дури и одбивно понатамошно теоретизирање и академски референци кои колку и да се релевантни остануваат секундарни,  во релацијата помеѓу читателот, потонат и вдлабочен во приказна, исклучен од сопствената рутина во приказни за комплицирана љубов, трогателна храброст, убиство и, пред се, ослободување.

И за крај, она што е клучна слабост на листите со лектири е тоа што недостасува клучна вредносна основа на која се темели нивниот избор. Промените се прават козметички и без фокус, со потпирање на аргументот за „класика во книжевноста“ и како такви се уште, во голема линија (а со мали исклучоци), се во духот на традиционалистички патријархални (мачоистички и во целост хетеронормативно), колективистички вредности.

Клучната промена која мора да се случи, која недостасува во овразованието генерално (за што сведочат почесто примери од учебниците, како, на пример, тој по етика на Кирил Темков) е основа во индивидуално-либералните вредности, еднаквост (родова, но и еднаквост на маргиналните и ранливи заедници), потоа солидарност (но не колективистички и во традицијата туку со страдањето на ранливите и маргинализираните (бегалци, лгбт групи, социјално маргинализираните…)

Насловите како „Release“ и „Simon vs the Homosapiens agenda“ се дел од линијата на воспоставување на таква вредносна основа.

И конечно, мал дел од заклучокот од истражување објавено во „Journal of adolescent and adult literacy“: Кога професорите на учениците им даваат дела кои се блиски до нивните искуства, кога им дозволуваат да изберат што ќе читаат, им помагаат сами да изберт што ќе читаат, ги отфрлаат обработките на делата (одговори на прашања или пишување рецензии)… многу повеќе ученици своеволно одбираат да читаат и да дискутираат за прочитаното.

А на бирото за Развој на образованието останува одговорноста да бидат отворени кон темите и потребните на учениците кои една пријателка ги сублимираше во: „Квир-роман во средно? Па ќе се церекаа ко морони веројатно. Ама јас ќе бев многу посреќна ако баш тогаш да имав една таква книга“.

Лени Фрчкоска

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close