Прва порака на новиот врховен лидер: Ормускиот теснец ќе остане затворен
На иранската државна телевизија водителот ја прочита првата изјава на новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи. Во неа, тој изјави дека сите американски бази во регионот треба веднаш да се затворат или ќе бидат нападнати. Тој повтори дека Иран ги таргетира само странските бази во соседните земји и дека верува во пријателството со своите соседи. Исто така, се додава дека Ормускиот теснец ќе остане затворен бидејќи тоа е начин за вршење притисок врз САД и Израел.

Тој им се заблагодари на „сите Иранци од сите сфери на животот кои се спротивставија на непријателот“. Врховниот лидер изрази сочувство до луѓето кои ги загубија своите најблиски во војната и додаде дека штетата ќе биде надоместена. „Злосторствата против човештвото и против децата нема да бидат игнорирани“, се вели во соопштението.
„Испративме порака до лидерите на регионот и нагласивме дека ќе имаме добри односи со земјите околу нас. Но, постоењето на американски бази во некои од овие земји и нивното користење за напади врз Иран не придонесува за регионот и тие мора да бидат затворени. Како што рековме, ние не сме непријатели на земјите околу нас, ние ги таргетираме тие бази на Американците“, рече тој.
Тој повика на единство на народот. „Мора да го заштитиме ова единство, а ова е можно само кога сме заедно и кога ќе најдеме заеднички јазик“, заклучи тој.
Полуофицијалната иранска новинска агенција Фарс објави дека Револуционерната гарда е одговорна за нападот врз американски брод во северниот дел од Персискиот Залив. Беа нападнати два танкера, еден американски и еден грчки. Фарс, исто така, наведува дека бродот „не ги послушал предупредувањата“ издадени од Гардата






