Прва работна посета на ЦОЕЛА на С Македонија

Работната група за проширување и за земјите кои преговараат за пристапување во Европската Унија (ЦОЕЛА) ќе престојува во работна посета на Северна Македонија од 14 до 15 септември.

ЦОЕЛА е тело на Советот на ЕУ, составено од дипломати од сите земји-членки на ЕУ, кое е задолжено за процесот на проширување и односите со земјите кандидати кои преговараат за нивно пристапување во ЕУ.

Со ЦОЕЛА претседава ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, а во втората половина од 2022 година со телото претседава дипломат од Постојаната мисија на Чешката Република во ЕУ.

Станува збор за прва работна посета на ЦОЕЛА на земјава, која е како резултат на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија во јули 2022 година.

Посетата вклучува средби со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот и главен преговарач Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и претставници на министерствата и другите институции вклучени во таканаречениот „Кластер 1“ од преговорите за пристапување во ЕУ („Основи“).

Работната група ќе се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери и ќе присуствува на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции, со која претседава пратеникот Александар Николоски, и на собраниската Комисија за европски прашања, со која претседава пратеникот Арбер Адеми, на 14 септември во Собрание.

Делегатите од ЦОЕЛА ќе разменат мислења и со претставници на граѓански организации.

Back to top button
Close