Прва самостојна изложба во нашата земја на реномираниот британски уметник Ричард Дикон, добитник на Turner Prize (1987) и претставник на Велс на Венециското биенале (2007)

Во Музејот на современата уметност – Скопје денеска ќе биде отворена првата самостојна изложба во нашата земја на реномираниот британски уметник Ричард Дикон, добитник на Turner Prize (1987) и претставник на Велс на Венециското биенале (2007).

Изложбата ги опфаќа циклусите скулптури на Дикон со мали и средни димензии, изработени во дрво: UV84DC (UW84DC) и Во шумата (Дух, Мечка, Мала мечка, Лилјак и Ѕвер / In the Woods (Ghost, Bear, Small Bear, Bat, Beast)), нерѓосувачки челик: Одење (Tread), и глазирана керамика: Сочинето од ова (Made of This), создадени главно во текот на оваа и минатата година, како и серија дигитални принтови на полиестер – зголемени цртежи направени во апликацијата Notes на iPhone: Втор мотив (Second Motif).

Изложбата е реализирана во соработка со Британскиот совет, Дотс Галерија, Министерството за култура и туризам и Британската амбасада во Скопје.

Како што соопштија од Британската амбасада во Скопје, Ричард Дикон е скулптор чија повеќедецениска скулпторска практика претставува впечатлив и препознатлив пример за континуирано преиспитување на смислата и значењето на константите и конвенциите на западноевропската скулпторска традиција, како и нивно редефинирање и реконцептуализирање во рамките на современата скулптура и уметност.

Ричард Дикон го претставувал Велс на Венецијанското биенале (2007) и учествуваше на Венецијанското биенале за архитектура (2012), Глазгов Интернационал (2006). Ричард Дикон ја доби престижната Тарнерова награда во 1987 година, која ја доделува галеријата Тејт. Во 1995 година беше одликуван со наградата Роберт Јакобсен, која ја доделува Штифтунг Вурт, а во 2013 година доби признание од Фондацијата Барнет и Аналеј Њуман. Во 2017 година, Дикон беше награден со наградата Ернст Франц Фогелман за скулптура во Хајлброн, Германија. Во 1998 година беше избран за член на Кралската академија, а во 2010 година за член на Академијата за уметност во Берлин.

Титулата Витез на уметноста и книжевноста во Франција му била доделена во 1997 година, додека во 1999 година бил одликуван со титулата Командант на Најизвонредниот Ред на Британската Империја. Универзитетот во Лестер му доделил почесен докторат во 2005 година. Дикон во 2013 година станал почесен член на Универзитетот за уметности во Лондон, во 2015 година бил избран за член на Европската академија на науки и уметности во Салцбург, а во 2017 година станал почесен соработник на Уметничкиот колеџ во Плимут.

Фото: Британската амбасада во Скопје

Back to top button
Close