Прва жена на чело на Англиканската црква: Сара Мулали именувана за надбискуп од Кентербери

Првпат во историјата на Англиканската црква на чело на оваа институција е именувана жена. Поранешната лондонска бискупка Сара Мулали денеска и официјално беше потврдена на функцијата 106. надбискуп од Кентербери.
Мулали денеска свечено ја презеде должноста на церемонија во катедралата „Свети Павле“ во Лондон, пред устоличувањето што ќе се одржи во март во катедралата во Кентербери. Со тоа таа стана највисока претставничка на Англиканската црква, која обединува околу 85 милиони англиканци низ светот.
Во обраќањето пред службата, Мулали изјави дека се надева оти Црквата ќе ја води „смирено, доследно и со сочувство“, во, како што рече, „времиња на поделби и неизвесност за овој наш разделен свет“.
Надбискупот од Јорк, Стивен Котрел, изјави дека постоела можност за поднесување правни приговори, но бидејќи не бил примен ниту еден, постапката ќе продолжи непречено.
Мулали речиси една деценија ја извршуваше функцијата лондонска бискупка, а по професија е и медицинска сестра. Во октомври таа и официјално беше именувана за прва жена во историјата на Англија на позицијата главен надбискуп.
Иако формално поглавар на Англиканската црква е британскиот монарх, надбискупот од Кентербери е духовен водач на Црквата и на светската англиканска заедница.
Се проценува дека во 2024 година Англиканската црква броела околу 1,02 милиони редовни верници, во споредба со 1,01 милион во 2023 година.






