ПРВАТА ПУШКА

Ех, кога би ја имале сите решителноста и единството на контролорите за летање, па да се побуниме против партиските вработувања на неспособни кадри во државните институции. Па и датумот им се погоди кога Владата преговараше да го одложат штрајкот – на Денот на народното востание, 11 Октомври. Случајно, но добредојдено да нè освести дека нам ни треба ново граѓанско востание. Не како во 1941 со напад на участокот на бугарската фашистичка администрација што ја имаше окупирано Македонија, туку, ко што би рекол Зоран Заев, со пенкало в рака, да се организираме и да ја ослободиме државата од заложништвото на партиите што ја држат окупирана секаде каде што се на власт, и на централно и на локално ниво. Нашите современи участоци сега се сите министерства, јавни претпријатија, агенции, општини, комунални претпријатија и институции претрупани со неспособни и мрзеливи кадри кои ѝ одговараат само на партијата што ги вдомила. На крајот на краиштата, не е толку проблем што се вработени партиски и по етничка припадност. Нека бидат и така. Ама проблемот е што се неспособни, некадарни и неодговорни. А најголем проблем е што ние ги плаќаме како такви – неспособни, некадарни и неодговорни.

Па уште и ќе им ги слушаме тажните приказни колку им биле мали платите. Па нека бидат дупло помалку вработени, така и платите ќе им бидат поголеми на тие што ги бива и не забошотуваат. Штом се незадоволни од државната плата нека одат во приватна компанија, таму нека се докажат за повеќе. Нека отворат и сопствени бизниси. Така и економијата ќе живне, за сите ќе биде поарно. Ама имале кредити за враќање и деца за школување. Ма немој. Оти работниците по приватните компании немаат кредити и деца за школување, па само за децата на администрацијата треба да работат. Дојди си подоцна, оди си порано, договори се со шефот да споиш викенд со празник. Одиш на работа без никаква одговорност. Ако задоцниш со предметот – си задоцнил, ако згрешиш – си згрешил. Никој не те казнува, никој не те брка од работа. Казнет ли е некој дека три години не се отпечатени сите учебници?

Во Контролата на летање имало случај да примат жена на работно место чувар, на оглас што траел три дена и тоа преку викенд, таа дошла првиот ден на работа, поработела на портирница, вториот ден ја унапредиле во некаков референт и веќе четвртиот ден зела породилно отсуство со ризична бременост. Тоа значи дека партиите што ни ја окупираа државата толку се осилија, па спремни се да ја загрозат и безбедноста на авиособраќајот само за да си купат гласачи со нашите заеднички пари. Тотално безумие – божем утре тие или нивните блиски нема да се возат во авион. Како го уништија државното претпријатие „Македонски железници“? Бутај, бутај администрација во Железници, па сега нема возови ни за нив. Бутај администрација во „Македонски пошти“, па сега нема пошта ни за нив. Бутај, бутај администрација во „Државни патишта“, па сега нема безбедни патишта ни за нив.

Бутај, бутај во администрација – и без држава ќе останеме. Сфаќаат ли во партиите дека сите ќе рикнеме? Дека ќе цркнат прво тие што го полнат буџетот, па после и тие што го трошат, оти ќе немаат од каде да земат. Ќе останеме без здравство, царина, полиција, војска, образование… Приватните фирми молат за работници. Децата си заминуваат. И на крај ќе останат само пензионерите и администрацијата. Кај и да е, ќе останеме и без земјиште оти Општините ја раздадоа земјата за комуналии за градење, за да можат да поделат плати на администрацијата. И кога сè ќе распродадат, од каде плата? Мала е земјава, толку има.

Значи, овојпат навистина е време за граѓанско востание. Со пенкало, се разбира. Ама со квалитетно мастило. Не со она на Зоран Заев, што почна да бледнее само што СДСМ и ДУИ стапија на власт. А не и со мастилото на ВМРО-ДПМНЕ, оти и по седум години живееме со пустошот во институциите што го остави нивното владеење. А пак Левица, освен плукање и пцости, не ни има мастило да понуди.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close