Првични податоци од истражување – КОВИД-19 криза: Влијанија врз ЛГБТИ заедницата

Покрај директното влијание врз здравјето, социјалните и економските последици од КОВИД-19 се далекусежни и не оставаат никој недопрен. Оваа криза наметнува комплексни предизвици и ризици за сите групи на граѓани, но јасно е дека непропорционално потешко ги погодува маргинализираните групи во општеството. Во услови кога во нашата држава не постојат системски регулирани и системски инклузивни услуги за ранливите и за најмаргинализираните ЛГБТИ луѓе, негативните последици од КОВИД-19 кризата врз нивните животни и лични искуства можат да имаат несразмерно поголеми последици.
Истражувањето „Потребите и проблемите на лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродовите и квир луѓето за време на КОВИД – 19 во Република Северна Македонија“, кое го спроведе Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, имаше за цел да ги утврди ефектите и влијанието на здравствената криза предизвикана од КОВИД – 19 врз ЛГБТИ заедницата, пред сѐ проблемите со кои таа се соочуваше во периодот на самоизолацијата и мерките за заштита од инфекција со корона-вирусот. Истражувањето беше спроведено на територијата на Република Северна Македонија во периодот април – мај 2020 година, на примерок од 111 испитаници избрани по случаен избор.
Овие сумирани резултати може да се сметаат како една првична и основна процена, но дополнителните верзии на оваа анализа ќе содржат и продлабочени знаења за проблемите и предизвиците од кои беше погодена ЛГБТИ заедницата, опфатена со ова првично истражување.
Истражувањето ги опфати влијанијата во 4 специфични области и тоа:
– Дискриминација и пристап до здравствени услуги (со посебен дел за состојбата со менталното здравје);
– Безбедност и насилство;
– Пристап до вработување и работнички права;
– Образование и пристап до образование.
Клучните поенти од добиените резултати покажуваат дека:
– Иако нема пречка во пристапот до здравствени услуги, од вкупниот број на испитаници, повеќе од половина од нив, скоро шеесет проценти, навеле дека нивното ментално здравје е загрозено како последица на здравствената криза предизвикана од КОВИД – 19. Високите проценти на различните состојби со кои се справуваат ЛГБТИ луѓето од аспект на менталното здравје, можеме да кажеме дека се загрижувачки поради фактот дека ваквите состојби одразени на подолг рок би можеле да имаат и потешки последици.
– ЛГБТИ луѓето се делумно информирани во однос на постоечките услуги за заштита на менталното здравје за време на рестриктивните мерки за заштита од КОВИД – 19, па така иако многумина имале проблеми со менталното здравје, тие не побарале стручна помош и советување. Причините кои ги навеле за тоа зошто не побарале помош се: 1) ситуацијата не е доволно сериозна и се одлага за во иднина, се минимизираат своите проблеми – има луѓе на кои им е поважно да искористат вакви услуги, потпирање на совети и разговор со пријателите наместо со стручни лица; 2) апатија, мислења дека другите се поважни, потиснување на емоции, зафатеност, неверба во тоа дека проблемите можат да се решат; 3) стравови: од изложеност на вирусот, од неразбирање, страв од повторни негативни искуства на психолог, страв од откривање на сексуалната ориентација, страв од недоволна поддршка од родителите; 4) финансиска состојба – недоволно финансиски средства за плаќање на овие услуги и 5) недоверба – негативен став кон стручните лица заради претходни лоши искуства, мислења дека повеќето стручни лица се хомофобични, отпор кон барање на помош, недоволна информираност за тоа како се достапни овие услуги и како се реализираат.
– Проблемите со различните типови на насилството претставуваат секојдневен проблем на луѓето од ЛГБТИ заедницата. Истражувањето покажува дека 12 % од испитаниците доживеале некаков тип на насилство. Но, лицата кои доживеале насилство најчесто не го пријавуваат истото, ниту во државните институции ниту во граѓанските здруженија. Анализата покажува дека најмногу од нив доживеале вербално и психичко насилство, односно 53 % или 7 лица се жртви на говор на омраза и на насилство на интернет, додека 2 лица навеле дека доживеале физичко насилство. Како примарни причини заради кои тие не сакаат да пријавуваат се издвоиле следниве:
1) Повеќе од половина, односно 69.2 % навеле дека немаат доверба во институциите за да го пријават случајот;
2) Скоро половина, односно 46.2 % се плашат од откривање на нивната сексуална ориентација и/или родов идентитет од страна на службениците;
Ист толкав процент, односно 46.2% од испитаниците стравуваат од предрасуди и откривање на нивната сексуална ориентација и/или родов идентитет пошироко во нивната околина;
На 38 % од испитаниците им е страв за нивната лична безбедност по пријавувањето на случајот;
На 23 % не им е пријатно да зборуваат за нивната сексуална ориентација при пријавување на случајот.
– Постои и половична информираност за услугите кои ги нудат граѓанските здруженија за заштита од насилство;
– Во однос на информираноста за мерките за ублажување на последиците по економската состојба од кризата со коронавирусот, генералниот заклучок во однос на информираноста за постоечките мерки и процентот на искористување е дека иако речиси половина од испитаниците се запознаени со нив, многу малку ги користат. Во овој случај претпоставките за оваа ситуација може да се гледаат низ призма на демографските карактеристики на испитаниците (најголем дел се редовно вработени), а од оние кои можеби би имале потреба од вакви услуги не ги користеле, за што причините треба подетално да се истражат. Земајќи ја предвид новонастанатата ситуација, обемот на дневни информации како и сложеноста на перцепциите за довербата во институциите и на начините за искористување на можностите, се препорачува во иднина организациите да работат со претходно утврден таргет од заедницата кој би имал најмногу корист од ваквите можности.
– ЛГБТИ луѓето и понатаму трпат вознемирување и хомофобичен однос поради сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет во текот на нивното образование. Анализата на одговорите од испитаниците кои се во образовен процес покажаа дека тие трпат вознемирувачки и хомофобични коментари како од наставниот кадар, така и од своите соученици/колеги.
Анализата на потребите на заедницата за во иднина ги покажува сумирано следните резултати:
– Обезбедување на психотерапевтска помош, фокус и поголемо внимание за менталното здравје на ЛГБТИ заедницата, вклучување на повеќе психолози и психијатри за помош на заедницата во време на ваква криза, почесто организирање на разговори со овие стручни лица и заедницата;
– Обезбедување на шелтер и сместување за оние кои трпат насилство или живеат во средина која не ги поддржува, помош за оние кои трпат дискриминација од заедницата и се повеќе ранливи,
– Зголемени активности од НВО секторот во делот на превенција од насилство врз ЛГБТИ заедницата, повеќе финансиски средства за обезбедување на шелтер центри;
– Поголема промоција на работата на НВО кои работат на ЛГБТИ прашањата, поголема достапност до информации, повеќе работа и во други градови, поголема едукација во јавноста за ЛГБТИ заедницата, зголемување на видливоста на заедницата;
– Поголема солидарност со најранливите од заедницата, обезбедување храна и финансиски средства за нив, солидарност и помош за сексуалните работнички, помош и поддршка за сите ранливи од заедницата која ќе биде во преден план;
– Групи за постојана онлајн поддршка, а не само за време на вонредна состојба;
– Здравје и безбедност онлајн, но и офлајн, повеќе информации за заштита на сексуално-репродуктивно здравје;
– Соодветни мерки од институциите на системот креирани за најранливите од ЛГБТИ заедницата.

Back to top button
Close