Првични резултати од изборите во Сирија: Доминираат муслиманите сунити, нема жени, ниту верски малцинства

Сирија ги објави прелиминарните резултати од индиректните избори за првиот парламент по соборувањето на Башар ал Асад минатата година, во кој мнозинство ќе имаат муслиманите сунити, со многу мала застапеност на жени и верски малцинства.

Во деновите пред гласањето, аналитичари и поединечни Сиријци изразија загриженост дека изборниот процес е премногу централизиран и дека суспензијата на изборите во подрачјата кои се надвор од контрола на владата значи дека сите заедници не се правично застапени.

Според прелиминарните резултати, кои беа денеска објавени, изборната комисија на Сирија соопшти дека се избрани 119 пратеници, но не го наведе бројот на гласови што секој од нив ги добил.

Според изборни набљудувачи, шест од новоизбраните пратеници се жени.

Набљудувачите рекоа дека вкупно 10 места им припаѓаат на верски и етнички малцинства, вклучувајќи Курди, христијани и двајца Алавити – сектата на која ѝ припаѓа Асад.

Еден од набљудувачите го опиша новиот парламент како претежно сунитско-муслимански и машки.

Навар Наџма, портпарол на Високиот изборен комитет на Сирија, на прес-конференција ја коментираше застапеноста на жените и христијаните.

– Меѓу најзначајните недостатоци на изборниот процес беа незадоволителните постигнувања во однос на застапеноста на жените во Сирија, како и фактот што застапеноста на христијаните е ограничена на две места, што претставува слаба застапеност во однос на бројот на христијани во Сирија, рече тој.

Наџма изјави дека верува дека Шара ќе се обиде да ги исправи недостатоците кога ќе ги назначи преостанатите 70 пратеници.

Властите велат дека прибегнале кон индиректен систем на гласање поради недостиг на сигурни податоци за населението по војната, која одзеде стотици илјади животи на Сиријци и предизвика раселување на милиони луѓе.

Повикувајќи се на безбедносни и политички причини, властите го одложија гласањето во подрачјата надвор од владината контрола, вклучувајќи ги курдските подрачја на северот и североистокот на Сирија, како и провинцијата Свејда, која ја држи малцинството Друзи, поради што 21 место остана празно.

Парламентот под Асад беше нешто поголем – со 250 места, од кои две третини беа резервирани за членови на неговата Баас партија.

Back to top button
Close