Првиот инвестициски циклус од британскиот заем ќе изнесува 2,2 милијарди евра и ќе трае пет години – вели Димитриеска-Кочоска
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека од шесте милијарди евра финансиска рамка со Обединетото Кралство сега може да се зборува за два сигурни проекти – железничката инфраструктура и инвестиции во здравството, во износ од околу 2,2 милијарди евра.
Кочоска: Многу сме внимателни во тој дел. Не одиме, да кажеме, наеднаш и оптимистички во реализација на сите шест милијарди имајќи предвид дека треба да имаме проекти што се зрели и да можат да се реализираат.
360°: Се спомнуваат 2,2 милијарди во првиот циклус.
Кочоска: Така. Првиот циклус подразбира некаде околу пет години. Тоа значи дека две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата затоа што вие, да речеме, при реализација на железничката инфраструктура имате активирано повеќе македонски компании кои ќе работата итн. Значи, додадената вредност ќе биде поголема.
Од интервјуто со Димитриеска-Кочоска / фото: „360 степени“
Прашана зошто сега повторно се спомнуваат болниците во Штип и во Кичево со нови извори на финансирање кога тие веќе се дел од буџетот за оваа година, министерката одговори дека токму ова прашање е делумен одговор на тврдењето дека јавниот долг нема да расте така како што други го пресметуваат.
„Нам ни било буџетирано затоа што сме предвидувале дека ќе разговараме со други меѓународни финансиски институции кои ќе ги поддржат овие инвестиции. Во моментот се случија овие преговори со британската влада, ги ставивме како пакет и можност да ги искористиме средствата од таму и да инвестираме во овие две болници што се веќе буџетирани. Е сега, мора да потенцираме уште една работа. Зголемувањето на долгот ќе оди етапно. Секоја година по колку што ќе влечеме од тие средства, така ќе го зголемуваме и долгот. Враќањето на кредитите ќе биде по одреден период. Во овој момент не сакам да дадам најпрецизен одговор зашто сè уште сме во преговори. Чекаме да се потпише најпрво меморандумот за соработка и да видиме како понатаму ќе се одвиваат работите. Ај да речеме дека станува збор за проектно финансирање. Конечно, како држава, да почнеме да се однесуваме како што секоја европска држава се однесува. Имате конкретен проект. Тука луѓето што користеле кредити, банкарите можат многу добро да ме разберат, имаме инвестиција за која знаеме колкав е периодот на изведба. Во тој период не враќаме ништо. Тоа е оној грејс-период за кој зборуваме. Потоа, ќе следи периодот на отплата. Колкав ќе биде периодот на отплата ќе покаже физибилити студијата“,
вели министерката Димитриеска-Кочоска.