Првиот извештај за имплементацијата на Стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД пред Владата
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на вчерашната седница на Влада го презентирал првиот Извештај за статусот на имплементација на проектите од Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.
Извештајот е подготвен од Министерството за надворешни работи, како координатор на целокупниот процес, врз основа на кварталните извештаи за реализирани активности доставени од страна на надлежните министерства, владини институции и агенции.
Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД на 2-ри јуни минатата година, во Вашингтон. Со тоа, билатералните односи меѓу двете земји се издигнаа на повисоко ниво, зајакнувајќи го стратешкото партнерство и долгогодишното сојузништво меѓу двете земји. Во рамките на првиот состанок на стратешкиот Стратешкиот дијалог беа дефинирани повеќе области пред сѐ од билатерално значење, но и од регионлаен и глобален интерес. Како клучни области за соработка беа посочени: регионални иницијативи; одбрана и безбедност; врски меѓу луѓето; билатерална соработка, добро владеење и владеење на правото; трговија и инвестиции, информираа од МНР.
Оттаму појаснуваат дека целта на Стратешкиот дијалог е преку потесна соработка да се зајакне придонесот на САД во рамките на спроведувањето на домашната реформска агенда, зајакнување на демократскиот напредок и развој на земјава, зголемувањето на нивото на безбедноста, подигнување на животниот стандард на граѓаните, како и остварување на взаемните интереси на двете земји од регионален и глобален аспект.
„Во изминатиот период во делот „Одбрана и безбедност”, преку Стратешкиот дијалог беа одржани заеднички обуки и вежби со САД, вклучително и со регионалните сојузници; обезбедена беше американска поддршка за континуиран развој на способностите на Северна Македонија за постигнување на НАТО целите, како и соработка за јакнење на способностите за сајбер одбрана. Преку проектите од областа „Врски меѓу луѓето” се работи на јакнење на образовната соработка, како и подигнување на свеста за медиумската писменост, што е значајно за градење на општество кое ќе бара отчетност од јавните институции. Дополнително, зајакната соработка во рамките на културната размена ќе придонесе за поврзување на народите од двете земји, како и за развојот на нашите уметници и нивно претставување на светската сцена“ се вели меѓудругото во соопштението од МНР.