Прво бугарите во Уставот па договор – Петков преку „Катимерини“ ја бетонира позицијата на Софија кон Скопје

– Ние сме за европската перспектива на Северна Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред – рече бугарскиот премиер.

Говорејќи за енергетската соработка со Грција, во интервјуто за грчкиот весник, Петков вели дека по последните случувања „потребна е поголема диверзификација на енергетските извори“ и на тоа тесно работат со грчката Влада, а целта, како што рече е, „да се зајакнат енергетските поврзувања на двете земји преку гасоводот IGΒ, за Бугарија да има пристап до гасот од Азербејџан, но и до резервите на течен природен гас LNG во Александруполи“.

Во однос на перспективата за билатерален договор за снабдување со нуклеарна енергија од Бугарија за Грција, бугарскиот премиер објаснува дека на Грција ѝ е потребна поевтина струја, а Бугарија има нуклеарна енергија, па така двете земји можат да работат заедно „градејќи долгорочни односи преку создавањето нуклеарна централа, со взаемна корист, во област која е значајна алтернатива за недостигот на енергија во нашиот регион“.

Тој додаде дека во оваа фаза се разгледуваат потенцијалните добавувачи и се спроведува студија, по што ќе бидат доставени конкретни предлози до Грција и во период од 12 месеци би можело да постои јасна слика за целиот проект.

Back to top button
Close