Првоосомничениот за заложништвото на мигрантите бил пуштен од притвор откако дал ниви за гаранција, па сега се гони за две нови дела
Првоосомничениот за заложништвото на мигрантите кои беа држени во Студеничани, е лице за кое веќе се води кривична постапка за криумарење мигранти, а дал гаранција и се спасил од притвор. Ова го обзнани Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Според нив, првоосомничениот добил притвор судија на претходна постапка, па потоа, Кривичен совет пак го укинал бидејќи осомничениот како гаранција дал ниви вредни 185.000 евра, а Апелација ова решение го потврдила и ја одбила жалбата на обвинителот.
„Вечерва судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена. Притоа судијата го имаше предвид образложението на јавниот обвинител во врска со предлогот за определување на мерка притвор, особено фактот што против првоосомничениот веќе се води постапка во ОЈО ГОКК за сторено кривично дело Криумчарење на мигранти за кое му била определена мерка притвор која Кривичниот совет решавајќи по жалба на одбраната прифатил гаранција од 185.382 евра во земјоделско земјиште и ја преиначил мерката притвор, определувајќи му мерки на претпазливост. Апелациониот суд решавајќи по жалба на ОЈО ГОКК ја отфрлил истата и ја потврдил одлуката на Кривичниот совет, по што тој го повторил делото, сторувајќи дополнително уште едно кривично дело“, велат од ОЈО-ГОКК.
По ова, осомничениот вчера бил фатен како сторител на нови дела и тоа, организирање на група за трговија со луѓе и криумчарење мигранти, како и кривично дело криумчарење на мигранти. Меѓу мигрантите пет лица се малолетници, а шестиот е постар малолетник.
Претходно, ОЈО-ГОКК обзнани како се спасиле лицата.
„Имено, во текот на вчерашниот ден на електронската адреса на Службата за односи со јавноста пристигна порака со линк од локација и следната содржина: „Ние сме 6 странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да не ослободи. Ве молиме за итна помош. Се наоѓаме на оваа локација, во куќа во складиштето на куќата.SOS!“, која порака во координација со јавен обвинител од ОЈО Скопје беше проследена до Секторот за компјутерски криминал во МВР. По брзата реакција и извршениот претрес во подрумските простории на станбен објект во с. Студеничани од страна на полициските службеници од МВР беа пронајдени шестмина илегални мигранти од кои пет малолетници и едно деветнаесетгодишно лице. Двајца од осомничените, во текот на месец март годинава, заедно со организатор по потекло од арапските земји кој престојувал во РГрција и повремено во скопскиот регион, со цел стекнување имотна корист се здружиле и како дел од меѓународна криминална мрежа организирале меѓународна криминална група во РСМ која имала за цел вршење на кривично дело – Криумчарење на мигранти. Групата co помош на водичи т.н. ,,качаци“ организирала илегално пренесување на групи мигранти од територијата на РГрција на територијата на PC Македонија преку илегални премини т.н. зелена граница. По дадени задачи и насоки од првоосомничениот, неидентификувани припадници на групата со ПМВ ги прифаќале и ги преземале мигрантите и ги превезувале до с.Студеничани од каде тројцата осомничени ги прифаќале и времено ги засолнувале, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на РСрбија кон државите на ЕУ“, велат од ОЈО-ГОКК.