Првото вето од Сиљановска – тест за Собранието
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по темелна анализа и експертски консултации решила да не го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, усвоен на 24-ти декември 2024 година. Известувањето за нејзината одлука стигнало до претседателот на Собранието, Африм Гаши на 31-ви декември.
Јавноста дозна за решението на претседателката Сиљановска, од вчерашните партиски реакции на СДСМ и ДУИ. СДСМ „го поздрави“ непотпишувањето на указот од страна на претседателката и побара власта „целосно да се откаже од измените на законот за Заштита на децата”. ДУИ, пак, „најостро ја осуди“ одлуката на Сиљановска и ја нарече скандалозна.
„Ова е отворен напад врз албанскиот јазик и обид за поткопување на правата на Албанците во Северна Македонија!“, реагираше ДУИ.
Упатува на преиспитување
Во известувањето до Собранието, претседателката на државата упатува на преиспитување на, според неа, спорните одредби од членовите 9 и 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата. Тие се однесуваат на одредбите за издавање на лиценци за работа, кои според неодамна усвоените измени „се издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, и на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо“.
„Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо се веќе уредени со закон“, било наведено во образложението од претседателката.
Таа укажала и на одредба од членот 182 од Законот за заштита на децата, каде што е пропишано дека начинот на добивање, продолжување, обновување и одземање лиценца за работа, начинот на спроведување на обуките, како формата и содржината на образецот за лиценцата – ги пропишува министерот.
Николоски: Убеден сум дека се водела од Уставот
Во случај кога претседателот на државата нема да потпише указ за прогласување на закон, Собранието повторно треба да го разгледува законот во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. При повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во однос на укажувањата на претседателот на државата. Ако и по повторното разгледување Собранието го изгласа законот со најмалку 61 глас, Сиљановска е должна да го потпише указот за негово прогласување.
Таа во дописот до Гаши изразила уверување дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид нејзините забелешки и укажувања при повторното рагледување на одредбите од членовите 9 и 10 од Законот, и дека ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот.
„Ние го почитуваме ставот на претседателката и тоа е нејзина работа – да ја контролира законодавната власт во делот на усогласеност на законите со Уставот“, изјави вчера вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на ТВ Сител.
„Би почекале да го видиме нејзиното образложение, зашто кога претседател ќе врати одреден закон во Собранието, дава образложение во кој дел не се согласува со законот. И подготвени сме да го доработиме законот во насока на нејзиното образложение и на нејзините укажувања (…) Да се врати повторно во владина, а потоа и во собраниска процедура, да се доработи согласно со укажувањата и соодветно на Уставот. Јас сум убеден дека претседателката се водела од Уставот кога ја донела оваа одлука“, изјави Николоски.
СДСМ: Спорни одредби, но и спорна процедура
СДСМ, освен што ја поздрави одлуката на претседателката, вчера упати низа забелешки за измените на Законот, во еден дел идентични со оние што биле причина за ветото.
„Членот 9 и членот 10 од (…) значи воведување двојазични лиценци од областа на детската заштита. Спорно е што овој сегмент е регулиран со друг закон кој ја уредува употребата на јазиците, но и Уставот на државата. Со предложените измени на Законот власта ги враќа процесите назад, со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална“, реагираа од СДСМ.
Оттаму посочуваат и дека тоа отвора можности за злоупотреби, партизација и сомнителни доделувања на лиценци по партиски клуч.
„Освен што се спорни одредбите во овој Закон, спорна е и целата процедура којашто насила се туркаше во македонското Собрание. Предлог Законот – од матичната Комисија за социјална политика, млади и демографија, власта го префрли за расправа и дискусија во Комисијата за енергетика. Претседателот на Собранието го прекрши Деловникот само за да ја заобиколи надлежната Комисија за социјална политика, која е блокирана поради неприфаќање на Законот за посебните права на бранителите“, се вели во соопштението на СДСМ.
ДУИ повика на мобилизација
ДУИ во реакцијата за претседателското вето, ја употреби истата реторика од изминатите месеци, овојпат и со оценка дека тоа „ не е изолиран чин, туку јасно координирана стратегија“, за што серија критики упати и до коалицијата ВЛЕН.
„Ова е агресија против Албанците, во која ВЛЕН свесно ја презема улогата на соработник. Ова не е само удар врз јазикот – ова е обид за враќање на Албанците назад, за демонтирање на сите тешко стекнати права. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка на ВЛЕН, покажува дека нема никаков интерес за соживот, туку следи реваншистичка, антиалбанска и опасна агенда“, обвинија од Мала Речица.
Со порака дека употребата на албанскиот јазик не е монета за политичко поткусурување, туку уставно загарантирано право, ДУИ повика на мобилизација.
„Им упатуваме повик на сите Албанци, сите граѓани кои веруваат во соживотот, граѓанското општество и сите демократски сили во земјата, да се мобилизираат и да не дозволат оваа срамна стратегија да се реализира. ДУИ нема да седи со скрстени раце! Ќе ги искористиме сите политички и правни механизми за да го спречиме ова антиалбанско лудило! Претседателката и оваа влада треба да знаат едно: Албанците нема да дозволат да бидат избришани! Нашиот јазик е нашето достоинство, нашиот идентитет и нашата иднина – и ќе го браниме по секоја цена!“, порачаа од ДУИ.
Апасиев: Аферим!
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, реторички праша дали апелот на нивните пратеници имал влијание врз одлуката на претседателката.
„Дали тоа претседателката на Републиката конечно го слушна апелот на пратениците на Левица, па ставила вето на противуставните двојазични лиценци? Ако е така, аферим и ашколсун!”, напиша тој на Фејсбук
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, по новогодишно обраќање на на претседателката, на прес-конференција ја повика да не потпишува указ на Закон кој предвидува двојазични лиценци за градинки.
„Ја повикуваме ова да биде прв тест за нејзината државна улога и државнички капацитет, затоа што, да потсетиме, дека таа како пратеник беше еден од најгласните пратеници против илегалната двојазичност!“, порача Мециновиќ.
Од Левица и претходно реагираа што измените на Законот за заштита на децата се протуркани на несоодветна комисија (за енергетика), обвинувајќи дека со изгласувањето на двојазични лиценци се легитимира процесот на дезинтеграција на државата.(dw)