Психологија: Како непознати луѓе “кликуваат”
Има една изрека дека сличен на слично се радува- верување дека луѓето се привлекуваат кога се слични. Сепак, се чини дека нешто друго успева да ја запали искрата.
На повеќето луѓе тоа им се случило барем еднаш: запознавате некого и за неколку минути знаете дека ќе бидете пријатели, па дури и повеќе од тоа. Започнува со сличност – можеби и на двајцата ви се допаѓаат сликите на Пол Рего, или не ви се допаѓа музиката на забавата. Почнувате да разговарате, да разменувате мислења и препораки, да се надоврзувате на шегите – и се воспоставува воврзаност, пред да дознаете што прави другата личност или од каде е, сте создале поврзаност.Едноставно се разбирате, или со други зборови, „кликнавте“.
Тајната можеби не е со кого разговараме, туку за што зборуваме. Некои од најдобрите разговори, без разлика дали со нов познаник или стар пријател, се повеќе за светот околу нас отколку за нас самите. Токму овие разговори нè зближуваат, бидејќи тие претставуваат „заедничко пронаоѓање на смисла“, вели Маја Росињак-Милон, професорка по психологија на Универзитетот Колумбија.
“Тоа е тајната на добрите односи”, вели таа
Заедничка реалност
Досега, повеќето психолошки истражувања се занимаваа со чувствата што луѓето ги имаат еден за друг. Росињак-Милон вели дека овие студии често го занемаруваат третиот важен елемент на секоја врска – заедничката реалност. Потсетува дека писателот Клајв Стејплс Луис рекол дека „пријателите се споени низ слично доживување на вистината“. Во долготрајна врска, чувството за споделена реалност служи како единствена леќа преку која партнерите го гледаат светот околу нив. Нивните умови се среќаваат, синхронизираат и се спојуваат.
Третиот важен елемент на секоја врска е заедничката реалност. Заедно со колешката Е. Тори Хигинс, Росињак-Милон создала прашалник кој го мери степенот до кој паровите ја доживуваат заедничката реалност. Истражувачите побарале од секој партнер да оцени колку се согласува или не се согласува со изјавите како што се: „Често мислиме на нешто во исто време“ или „Преку разговор често сфаќаме дека се согласуваме за нешто“. Користејќи го овој метод, Росињак-Милон најде докази дека колку е посилно чувството за споделена реалност, толку партнерите се попосветени.
Во деновите кога имаат повеќе можности да искусат когнитивно поврзување, се чувствуваат повеќе приврзани. Росињак-Милон претпоставува дека кога парот се чувствува како да има силно чувство за споделена реалност, а потоа тоа е поткопано, партнерите чувствуваат силен нагон да го обноват.
Откако ги замолиле паровите да пополнат прашалници, истражувачите потоа им дале на поединците истите сензорни искуства, како што се храна и слики. Испитаниците потоа дале евалуација на тие искуства. На паровите потоа им бил даден неточен фидбек за нивните одговори: на половината им било кажано дека го доживуваат сетилниот свет исто како и нивниот партнер, додека на другата половина им беше кажано дека тоа го прават поинаку од партнерот.
Потоа, на паровите им била дадена можност да разговараат за некои неповрзани слики додека истражувачите ги следеле, снимајќи ги нивните интеракции. Паровите кои дошче во лабораторијата со силно чувство за споделена реалност, а потоа ја поткопале, направиле опипливи напори да ја вратат, завршувајќи си ги речениците, правејќи шеги и мислејќи на патувањата што ги правеле заедно. Според компјутерската анализа на нивниот говор, тие дури и лингвистички се поклопувале, користејќи одредени зборови за да ги изразат токму истите значења.
“Се обидуваа да го потврдат фактот дека и покрај тој фидбек, сè уште го доживуваат светот на ист начин“, вели Росињак-Милон. Росињак-Милон, исто така, ја истражила улогата што ја игра споделената реалност во заемната привлечност меѓу луѓето кои не се познаваат. Таа споила парови на луѓе кои не се запознале претходно и ги поврзала преку онлајн платформа. Побарала од секој пар или да разговара за серија двосмислени роршахови слики. „Им рековме, обидете се да ги одредите овие слики заедно“. Разберете што навистина се случува со нив“. После тоа, испитаниците пополнија прашалник за споделена реалност прилагоден за странци („За време на нашиот разговор, ние…“)
Паровите кои чувствуваа поголем степен на споделена реалност едни со други беа оние кои ги кажуваа истите работи во исто време, користеа изрази како „само што сакав да го кажам тоа…“ и создаваа споделени имагинативни наративи околу истите слики, именување имагинарни луѓе кои ги виделе на нив. Чувствуваа поголема блискост со другата личност и беа посигурни во сопственото мислење за светот. Поголема е веројатноста тие парови да кажат дека „кликнале“ еден со друг – дека успеале да најдат заеднички јазик со личноста од другата страна на екранот и дека многу би сакале да се сретнат во реалниот живот. Тие исто така беа посигурни во тоа што мислеа дека се случува на сликите
Истражувањето на Росињак-Милон ја става под прашање конвенционалната мудрост за новите врски: дека најмногу нè привлекуваат луѓе кои се слични на нас. Пола Иствик, професорка по психологија на Универзитетот во Калифорнија, Дејвис, вели дека „она што е особено фасцинантно за работата на д-р Росињак-Милон е тоа што покажува дека сличноста често е нешто што двајца луѓе го создаваат или откриваат заедно во еден момент“.
Иако сме охрабрени да бараме луѓе кои ги исполнуваат нашите преференции, теоријата на споделена реалност сугерира дека можеби не знаеме кои се нашите преференции пред да ја запознаеме таа друга личност. Многу страници за запознавање се засноваат на принципот дека ако соберете доволно информации за некоја личност, можете да го одберете совршениот партнер. Меѓутоа, ако новата врска е чин на заедничка креативност, можеби е потешко да се предвиди вистинскиот партнер.
Што се крие во суштината
Работата на професорката Росињак-Милон има импликации на тоа како ги организираме нашите сопствени интеракции, и приватни и деловни. Ако еден начин да се формира социјална врска е да се изгради заедничка реалност, тогаш можеби треба да се обидеме да создадеме можности да зборуваме за надворешни стимули. И навистина, ние веќе го правиме тоа: листите со совети за состаноци често сугерираат дека првиот состанок треба да вклучува некаква културна активност, како што е одење на изложба. Шетањето низ галеријата, зборувањето за изложените уметнички дела, може да биде побрз начин да се најде заеднички јазик отколку подиректен разговор.
Ова е, исто така, причината зошто тимовите на работното место одат на тим-билдинзи: излегувањето од канцеларија им овозможува на колегите да се обидат заедно да ја разберат новата средина, зајакнувајќи ги врските во процесот. Се разбира, до неодамна тоа беше тешко да се постигне. Јавните места беа затворени, социјалните активности беа ограничени. Во нашиот деловен и приватен живот, средбите лице в лице ги заменивме со видео повици
Иако ова беше неопходност за здравјето и безбедноста на сите, тоа можеби имаше негативно влијание врз способноста на луѓето да создадат заедничка реалност. Видеоповикот има ефект на отстранување на надворешниот свет од равенката – останува само вашиот соговорник или соговорници, насочени еден кон друг. Но, како што Росињак-Милон покажа во еден онлајн експеримент, луѓето можат да најдат заеднички јазик и во најминимални услови..
Во суштина, теоријата за споделена реалност сугерира дека ќе се чувствуваме најблиску еден до друг кога ќе го посветиме нашето заедничко внимание на нешто вон нас. Тоа го поттикнува секој од нас активно да се вклучи во светот, негувајќи ја нашата љубопитност и вежбајќи ја нашата свесност. На тој начин, без разлика дали разговараме со странци, сопружници или колеги, секогаш ќе имаме за што да разговараме.
извор: BBC
Превод: Лени Фрчкоска