Психолозите и социјалните работници со апел за што поскоро донесување на новите членови во КЗ

„Убиство на млада жена во Скопје од страна на нејзиниот партнер”, „Ѕверско убиство со сукало: Сопругот осомничен за смртта на жена во Битола”, „Скопјанец обвинет за убиство на партнерката”, „Убиство во Гостивар: Со нож и секира ја усмртил сопругата и избегал”… Ова се само дел од насловите во македонските медиуми поврзани со семејно насилство кое завршило со фатален крај. За некој чин да се смета за семејно насилство не мора само да те удри, да те дави или да ја удира твојата глава од ѕид, бидејќи семејно насилство е и самото деградирање, понижување, обвинување, викање, задржување на финансиите или каква било контрола врз тебе од  страна на член на семејството.

Заштитата на жените од насилство се регулира со Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство, позната како Истанбулската конвенција, која е усвоена од страна на Комитетот на министри на Совет на Европа во април 2011 година, а е отворена за потписи истата година во мај. Конвенцијата се смета за „златен стандард” во меѓународните напори за заштита на жените од насилство и претставува регионален правен инструмент за сеопфатна заштита на правата на жените.

Република Северна Македонија беше меѓу првите земји што ја потпишаа Истанбулската конвенција, а во декември 2017 година, по подолг период и силен притисок од страна на граѓанските организации, Собранието конечно ја ратификуваше, по што таа стапи во сила во јуни 2018 година. Државата, со ратификувањето на Конвенцијата, се обврза да преземе законодавни и други мерки заради обезбедување на правна, институционална и организациска рамка за превенција на насилството врз жените, заштита на жртвите на насилство, како и казнување на сторителите на насилството. Правниот ефект на Конвенцијата подразбира дека со нејзиното ратификување, таа станува дел од внатрешниот правен поредок, па се наметнува потребата од усогласување на постојната правна и институционална рамка со нејзините одредби.

Иако во нашата земја Истанбулската конвенција стапи на сила од јуни 2018 година, од невладините организации за МИА велат дека нејзината имплементација се одвива многу бавно.

– Со оглед на тоа дека Националниот акциски план за спроведување на активностите е до 2023 година, а веќе сме во последниот квартал од 2022 година можам да нагласам дека освен во делот со промената на законите и специјализираните услуги за помош и поддршка за жртвите на родово базирано и семејно насилство, каде има мало поместување, во останатите цели нема некои значајни поместувања, посебно во превенцијата, истакнува за МИА Ана Аврамовска-Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

 

Во однос на новите кривични дела од предлог текстот на новиот Кривичен законик, кои се однесуваат за усогласување со Истанбулската конвенција, од Министерството за правда за МИА посочуваат дека се поднесени мислења од повеќе лица и организации.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за МИА потенцираат дека нивната забелешка околу измените на Кривичниот законик се однесува на кривичното дело „полов напад”, за кое сметаат дека треба да постои само едно кривично дело кое ќе гласи „силување”, a чие битие на делото ќе биде алтернативата на членовите 243 и 244 од новиот Кривичен законик. Исто така, од Хелсиншки комитет сметаат дека посебно треба да биде и инкриминирано и сексуалното вознемирување преку интернет.

Психолозите и социјалните работници апелираат за што поскоро донесување на новите членови во Кривичниот законик, бидејќи како што велат, ќе се обезбеди поголема заштита и безбедност на жртвите на семејно и родово базирано насилство. Дали новите кривични дела ќе бидат имплементирани или ќе останат само како законско решение на лист хартија, останува да се види откако ќе бидат донесени.

Статистичките податоци кои МИА ги доби од МВР покажуваат дека во 2020 година се регистрирани вкупно 38 силувања од 40 сторители, во 2021 година бројот на силувања се намалува на 25, додека до јуни годинава биле пријавени силувања од 10 сторители. Од МВР посочуваат дека во периодот од 2019 година до јуни 2022 година во однос на случаи на убиство од брачен партнер, регистрирани се вкупно осум кривични дела за кои се регистрирани осум сторители, од кои петмина сторители се мажи – сопрузи, две жени – сопруги и во еден случај како сторител е регистрирана жена – вонбрачна сопруга.

Неофицијалните податоците кои ги има Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство велат дека во 2021 година четири жени се убиени од брачен партнер. Оттаму посочуваат дека една од главните причини за непријавувањето на случаи на семејно и какво било друго насилство е недовербата во институциите.

 

Психологот и претседателката на Комората на психолози, Мирјана Стојановска Јовановска во изјава за МИА вели дека нарушувањето или одземањето на моќта на личноста да го контролира својот живот, на каков било начин, доведува до нарушување на целосното функционирање на личноста на сите полиња на нејзино функционирање и може да доведе до сериозно оштетување на менталното здравје и појава на психосоматски потешкотии и болести. Во однос на новото кривично дело „полов напад”, Стојановска-Јовановска истакнува дека кога се носат вакви закони многу внимателно се мисли како да биде казнет сторителот и целото внимание се посветува на соодветноста на казната, посочувајќи дека треба да се гледа од еден малку поинаков агол, односно како силуваното лице ќе го носи тоа како печат целиот свој живот и како ќе влијае на изборот што ќе ги прави во животот, односно партнерите што ќе ги бира или воопшто нема да ги бира, воспитувањето на децата, односот кон сопственото тело, самопочитта, сексуалниот живот, довербата кон луѓето, пријателските врски, карактерот, емоционалната регулација итн.

Во предлог текстот на новиот Кривичен законик, кој според најавите од Министерството за правда се очекува до крајот на годината да биде пратен во Собранието, за кривичното дело „полов напад” се предвидуваат казни затвор од една до пет години „ако тој што спротивно на јасно изразената волја на друг, врз него ќе изврши полов однос или друго со него изедначено полово дејствие што се состои во анална или орална пенетрација, со дел од телото или предмет или ќе наведе друго лице против неговата волја да изврши полов однос или друго со него изедначено полово дејствие со трето лице или врз себе си”.

Ако „половиот напад” е сторен врз дете на возраст до 15 години, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку три години. Доколку пак поради ова кривично дело настапи тешка телесна повреда, смрт или друга тешка последица, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години. Лицето кое ќе изврши полов однос или друго со него изедначено полово дејствие кое не се состои во вагинална, анална или орална пенетрација ќе се казни со затвор од шест месеци до три години, а ако како последица на вакво дело настапи тешка телесна повреда, смрт или друга тешка последица за сторителот се предвидува казна затвор од една до пет години, се посочува во предлог текстот на новиот Кривичен законик.

За кривичното дело „полово вознемирување”, пак, се предвидува сторителите да се казнат со парична казна или со затвор до една година.

– Тој што со вербално или физичко дејствие кое има директно или индиректно, реално или симболично значење на наведување, непристојна понуда, намамување, изразување полова страст или друго дејствие кое јасно потсетува на полов однос или други со него изедначени полови дејствија, ќе вознемири лице кое му е подредено или спрема него се наоѓа во однос на зависност, друго лице на работа или на јавно место или лице што е ранливо поради возраст, болест, попреченост, зависност од дроги, бременост или тешки телесни или душевни пречки, и со тоа ќе го повреди неговото достоинство, предизвикувајќи чувство на непријатност, навреденост, понижување или страв, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, се вели во предлогот на новиот Кривичен законик.

 

Во предложениот законски  текст се предвидува и ново кривично дело „демнење” за кое се предвидува дека тој што повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг или со него воспоставува или настојува да воспостави со него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Ако делото е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години, се превидува во член 203 за ова ново кривично дело.

Забелешки и мислења од невладини организации и експерти околу новите кривични дела во Кривичниот законик

Од Министерството за правда за МИА информираат дека преку ЕНЕР пристигнале мислења од повеќе лица и организации за овие кривични дела, меѓу кои и од Хелсиншкиот комитет. Од Министерството потенцираат дека од септември годинава сите доставени мислења на ЕНЕР се разгледуваат од работната група, која работи на новиот Кривичен законик и оние предлози коишто се прифатливи ќе бидат вградени во текстот, по што тој ќе биде доставен на мислење до сите надлежни институции.

 

– Откако ќе бидат вградени мислењата од ЕНЕР и од сите релевантни институции до кои е доставен Предлогот на Кривичниот законик, Предлогот ќе биде пуштен во владина процедура. Согласно Програмата за работа на Владата, тој рок е до крајот на оваа година, велат од Министерството за правда.

МИА побара став за предложениот законски текст и од Хелсиншкиот комитет за човекови права од каде изјавија дека нивната забелешка се однесува на кривичното дело „полов напад”.

– Во однос на предлог членот за кривичното дело „полов напад”, Хелсиншкиот комитет смета дека треба да постои само едно кривично дело кое ќе гласи „силување”, a чие битие на делото ќе биде алтернативата на членовите 243 и 244, бидејќи полов напад без согласност претставува силување и оттука сметаме дека тие не треба да бидат одвоени во две различни кривични дела. Примената на сила или закана сметаме дека треба да биде квалификаторен облик на основното дело „силување”, вели Ина Џугуманова, правна советничка во Хелсиншкиот комитет.

Таа посочува дека термините „полово вознемирување”  и „полова страст” треба да се заменат со „сексуално вознемирување” и „сексуална страст”, со цел, како што вели, усогласување на Кривичниот законик со Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејното насилство. Нашата држава, вели таа, има обврска да го усогласи домашното законодавство и со Истанбулската конвенција.

 

– Став 1 од предлог членот, предлагаме да се дополни и со невербално дејствие со цел да се опфатат сите начини на кои може да се изврши сексуално вознемирување. Дополнително, ставот ограничува во однос на опсегот на лица кои може да вршат или да трпат сексуално вознемирување, вели таа.

Исто така, Џугуманова смета дека сексуалното вознемирување треба да биде и посебно инкриминирано преку интернет.

– Случајот „Јавна соба” е класичен пример со кој се покажа потребата од инкриминација на сексуалното вознемирување преку интернет, така што сметаме дека сексуалното вознемирување со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација во дигиталниот простор треба да биде опфатено во ставот 2 од предлог членот, нагласува Џугуманова.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство за МИА велат дека тие како мрежа на организации го следат овој процес и во соработка со организациите кои се дел од Платформата за родова еднаквост уште во септември 2021 година поднеле мислење за подобрување на предложените измени.

 

– Начелниот став на организациите од Платформата за родова еднаквост е дека предложените измени се во согласност со Истанбулската конвенција, но имавме неколку забелешки за предвидената висина на казна кај определени кривични дела, како и криминализирањето на сексуалното вознемирување преку интернет како посебно кривично дело. Дополнително баравме да се воведе и ново кривично дело „психолошко насилство”. Во овој момент на ред е расправа за законските измени на пленарна седница во Собранието, истакнува Аврамовска-Нушкова.

Психолозите и социјалните работници со апел за што поскоро донесување на новите членови од законот

Психологот и претседателката на Комората на психолози, Мирјана Стојановска Јовановска во изјава за МИА вели дека од голема важност за добробит на граѓаните е прифаќањето и примената на овие членови од законот.

– Ова е еден од начините како државата кај своите граѓани ќе изгради поголема доверба во институциите, а со тоа поголема поврзаност на граѓаните со системот. Вака ќе се изгради и поголемо ниво на доверба кај граѓаните дека системот на државата функционира за нивно добро, вели Јовановска.

 

Социјалниот работник Бојана Лазаревска во изјава за МИА вели дека измени се потребни и во однос на демнењето, со цел поголема заштита и безбедност на жртвите на семејно и родово базирано насилство.

– Дополнително, со останатите членови кои се однесуваат на полов напад и полово вознемирување би се зацврстила сигурноста на целото општество, знаејќи дека сторителите ќе бидат кривично гонети за нивните дејствија. Очекуваме побрз процес за овие проблеми кои се од исклучителна важност и нивно спроведување од страна на надлежните институции, истакнува Лазаревска.

Предвидени казни се за стореното дело, но не и за последиците од него

Психологот Стојановска-Јовановска вели дека предвидените казни од предлог текстот на новиот Кривичен законик се за стореното дело, но не и за последиците кои им се предизвикуваат на жртвите на семејно и родово базирано насилство.

– Ако се суди според последиците, нема доволно строга казна за извршителот. Создавачи на закони најчесто се правници кои повеќе имале можност да се сретнат со сторителите на кривични дела отколку со жртвите. Жртвите долги години се лечат со психолози, психотерапевти, психијатри. Обично правниците не ги следат жртвите во нивниот живот, вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.

Во однос на првиот став од новото кривично дело „демнење”, таа посочува дека социјалното поле во кое живее личноста и можноста да го контролира она што се случува, е еден од најважните аспекти за оптимално функционирање на личноста.

– Човекот е социјално суштество и социјалната средина е битна за негов раст, развој и формирање на сите аспекти на личноста. Реализирање на личноста може да се случи само во контакт со средината во која личноста живее и функционира. Нарушување или одземање на моќта на личноста да го контролира својот живот, на каков било начин, доведува до нарушување на целосното функционирање на личноста на сите полиња на нејзино функционирање: когнитивното, психолошко, емоционално и социјално. Тоа може да доведе до сериозно оштетување на менталното здравје и појава на психосоматски потешкотии и болести. Зошто човештвото го измислило затворот? Затоа што нема потешка казна од одземање на можноста да се контролира сопственото социјално поле. На личноста и се одзема можноста да прави избори за себе си: дали и каде ќе се движи, со кого, кога, како. Социјалното поле е дел од идентитетот на личноста. „Кој/која сум јас” е детерминирано со улогите кои ги има личноста со кои се идентификува и стануваат нејзин битен дел од идентитетот, потенцира таа.

 

Според Стојановска-Јовановска, се што може да го наруши ова функционирање: вознемирување, застрашување, несакани контакти, прогонување, злоупотреба на личните податоци, каков било вид на психичко злоставување ќе доведе до појава на силни емоции на вознемиреност, страв, несигурност, загрозеност, небезбедност. Ова, како што вели, директно ќе влијае на когнитивно, емоционално и бихевиорално функционирање и врз целокупниот професионален и приватен живот на личноста.

– Што е најстрашно, последиците се генерализирани: губење на довербата во луѓето, губење на доверба во системот во кој се живее, губење на доверба во вредносните системи, доверба во себе си во своите способности, вели таа.

Штетата, според Стојановска-Јовановска, е уште поголема ако виновниот е некој со кој личноста има длабока емоционална врска затоа што последиците се непроценливо длабоки со тенденција да бидат доживотни.

– Да се биде предаден на каков било начин од саканата личност на која безрезервно и се верува остава последици слични на длабоки рани чии лузни ќе бидат препознатливи до крајот на животот, вели таа.

Во однос на првиот став од новото кривично дело „полов напад”, психологот Стојановска-Јовановска истакнува дека кога се носат вакви закони многу внимателно се мисли како да биде казнет сторителот и целото внимание се посветува на соодветноста на казната, посочувајќи дека треба да се гледа од еден малку поинаков агол, односно како силуваното лице ќе го носи тоа како печат целиот свој живот и како ќе влијае на изборот што ќе ги прави во животот, односно партнерите што ќе ги бира или воопшто нема да ги бира, воспитувањето на децата, односот кон сопственото тело, самопочитта, сексуалниот живот, довербата кон луѓето, пријателските врски, карактерот, емоционалната регулација итн.

 

– Насилниот сексуален акт е траума која нема никој да ја заборави. Социјално секогаш сите ќе ја паметат како личност, која била силувана што е многу карактеристично за нашата култура. Ова ќе влијае на нивното однесување кон личноста – или ќе ја сожалуваат или ќе ја обвинуваат. Личноста секогаш ќе чувствува дека „нешто има во воздухот” што не е кажано и ќе и пречат сожаливите, проценувачките или осудувачките погледи, вели таа.

Последиците би биле катастрофални, вели Стојановска-Јовановска, ако жртвата е дете кое наполнило 15 години.

– Дете кое на почетокот на својот живот ќе доживее сексуално насилство ќе порасне во анксиозно депресивна возрасна личност. Ќе развие симптоми на опсесивно компулсивно нарушување (ОЦД), фобии или панични напади, потешкотии во социјалниот и приватниот живот, посочува психологот.

Недовербата во институциите – Една од причините за непријавување на семејното насилство

Според Ана Аврамовска-Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, една од главните причини за непријавувањето на случаи на семејно насилство е недовербата во институциите.

– Според последното истражување на ОБСЕ за благосостојбата на жените во нашата држава податокот е дека имаме многу мал процент на пријавени случаи на семејно насилство во споредба со европскиот. Стапката на пријави е од два до четири проценти. Бројот на непријавени е многу поголем. Тоа се должи на повеќе причини, но една од главните е недовербата во институциите. Имено, во прва линија тоа се локалните центри за социјална работа и полицијата. Недовербата кон овие институции најмногу се однесува на оној прв прием на пријавата и понатамошната заштита којашто треба да и се даде на жртвата, вели таа.

 

Таа посочува дека невладините организации се препознаени од страна на жртвите како место каде можат да ги добијат сите информации за нивните права и да добијат придружба до надлежните институции.

– Мора да се земе предвид дека не секоја пријава која доаѓа кај нас, веднаш ќе се пријави до надлежните институции. Некогаш жртвата сака само да се информира за да може да размисли што понатаму, бидејќи одлуката е секогаш нејзина, а анонимноста и доверливоста во невладините организации е загарантирана. Доколку одлучи да пријави, ние ја следиме и поддржуваме во секоја дел од процесот на пријавување, независно дали ќе оди во полиција или кај надлежниот центар за социјална работа, потенцира Аврамовска Нушкова.

Во периодот од 3,5 години извршени се вкупно 3.650 кривични дела во врска со семејно насилство

Статистичките податоци кои МИА ги доби од МВР велат дека во периодот од 2019 година до јуни 2022 година се извршени вкупно 3.650 кривични дела во врска со семејно насилство. Од вкупниот број на сторителите на кривичните дела, во овој период, 3.332 се мажи, а 318 жени.

Во овој период, од извршените кривични дела во врска со семејно насилство имало вкупно 3.798 жртви, од кои 798 се мажи, а 1.319 жени.

 

Во 2019 година извршени се вкупно 1.013 кривични дела во врска со семејно насилство, од кои 931 сторители се мажи, а 82 жени. Додека, пак, во истиот период, вкупниот број на жртви е 1.061, од кои 214 се мажи, а 847 жени.

Во 2020 година извршени се вкупно 1.025 кривични дела во врска со семејно насилство, од кои 930 сторители се мажи, а 95 се жени. Вкупниот број на жртви е 1.052, од кои 212 се мажи, а 840 жени.

 

Во 2021 година извршени се вкупно 1.097 кривични дела во врска со семејно насилство, од кои 988 сторители се мажи, а 109 се жени. Вкупниот број на жртви е 1.155, од кои 266 се мажи, а 889 жени.

До јуни година извршени се 515 кривични дела, во кои 483 сторители се мажи, а 32 жени. Вкупниот број на жртви е 530, од кои 100 се мажи, а 430 жени.

 

Во 2019 година до МВР се поднесени вкупно 3.261 поплаки во врска со семејно насилство, а во 2020 година 3.857 поплаки. Во 2021 година се поднесени вкупно 3.771 поплаки, додека до јуни годинава вкупно се поднесени 1.950 поплаки.

 

Од МВР информираат дека во 2019 година се извршени вкупно 35 кривични дела „силување” од 37 сторители, а во 2020 година извршени се вкупно 38 силувања од 40 сторители. Во 2021 година бројот на силувања се намалува на 25 кривични дела, додека до јуни годинава имало силувања од 10 сторители.

Во одговорот од МВР до МИА се посочува дека во периодот од 2019 година до јуни 2022 година во однос на случаи на убиство од брачен партнер, регистрирани се вкупно осум кривични дела за кои се регистрирани осум сторители, од кои петмина сторители се мажи – сопрузи, две жени – сопруги и во еден случај како сторител е регистрирана жена – вонбрачна сопруга.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство истакнуваат дека за 2021 година имаат неофицијален податок за четири убиени жени од брачен партнер.

Back to top button
Close