Психосоцијална поддршка за деца со попреченост во Општина Карпош

Општина Карпош најави дека наскоро ќе обезбеди уште една социјална услуга за помош и поддршка на деца со пречки во развојот. Се работи за адаптација на посебен простор во рамки на ООУ „Вера Циривири – Трена“, каде што во соработка со македонското Монтесори здружение, најмладите ќе имаат можност да се подготват за полесно вклучување во воспитно – образовниот процес.

-Услугата подразбира обезбедување стручна помош и поддршка преку индивидуален третман и психосоцијална поддршка на деца со попреченост и нивните семејства на територијата на Општина Карпош, преку примена на монтесори методот и други современи терапевтски техники. Поддршката ќе ја обезбедува тим од специјални едукатори, психолог и социјален работник. За овој проект се користат средства од Светска банка, а се спроведува преку Министерството за труд и социјална политика, соопшти Општина Карпош.

Од таму посочуваат дека на Светскиот ден на лицата со попреченост – 3 Декември, борбата за подобра инклузија и едукација е секојдневна. – Нема друга алтернатива освен системски и трајно да се унапредуваат правата на овие лица во заедницата, се наведува во соопштението.

Локалната самоуправа изминатиов период поддржа и отворање сензорни соби во рамки на основните училишта, инклузивни игралишта по населбите Карпош 2 и Влае 2, а одвои и буџетски средства за лични и образовни асистенти за учениците со попреченост. На овој начин се овозможува полесно следење на наставата и вклучување во образованието и социјалниот живот и на овие граѓани.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев во своето обраќање по повод денешниот ден истакна дeка секој од нас е различен, но сите споделуваме заеднички проблеми.

– Светскиот ден на лицата со попреченост само нѐ потсетува на борбата да градиме поправедна и уште поинклузивна заедница. Другарчето кое можеби ти изгледа поинаку, има само поинаква потреба од тебе. Оној кој говори побавно или потешко, има само друг начин на изразување. Лицето кое е во количка, исто така има друг начин на движење. Да бидеме отворени, да ги прифаќаме различностите! Затоа што единствената попреченост е лошиот став, рече Богоев.

Општината денеска исплати и еднократна финансиска помош од три илјади денари, за вкупно 154 граѓани со попреченост, кои живеат на територија на Карпош.

Back to top button
Close