Пукањето на веселби, традиција која се казнува

 

Во екот на свадбените веселби и еуфоријата која владее за време на нивното одржување, често се посегнува по оружје. Таквиот начин на искажување радост предизвикува опасност како по сватовите, така и по граѓаните кои може да бидат погодени од заталкан куршум. Институциите задолжени за одржување на ред и мир и безбедноста на граѓаните укажуваат дека пукањето од оружје на веселби и јавни места е забрането. Предупредуваат дека станува збор за кршење на законот, а казната зависно од последиците, може да биде затвор.

Години наназад, се случувало во Полошкиот регион свадбените веселби да кулминираат со крвав епилог. Повредените најчесто беа погодени од заталкани куршуми, а имаше неколку што се случиле непосредно на веселбите.

Огнени свадби

Пукањето, безмалку е редовен декор на свадбите во Полошкиот регион. Општопознато е дека во свадбената традиција е да се испука по некој куршум. Но, се случува некоја од веселбите на кои се пука, освен што го нарушува јавниот ред и мир да тргне по друг тек и да прерасне во трагедија. Пукањето на свадби зачестува особено со доаѓањето на печалбарите. Полицијата секое лето, со соопштенија апелира до граѓаните, да се воздржат од употреба на огнено оружје при веселби. И покрај тоа, има повеќе казни, глоби, кривични пријави. Изминативе две години заради ограничувањата наметнати од пандемијата со Ковид-19, имаше помалку веселби, а со тоа и помалку злоупотреби на оружјето.

Во евиденцијата на СВР Тетово е прибележено дека во текот на 2022 година (01.01.2022 до 22.07.2022 година), на подрачјето кое безбедносно го покрива пријавен е еден кривично правен настан „предизвикување општа опасност” (во Тетовско) кој се случи за време на одржување на семејна веселба. При тоа, со повреди од огнено оружје се здобило едно машко лице.

– Наведениот настан е расчистен и документиран и до надлежното ОЈО Тетово поднесена е кривична пријава против еден сторител за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност” предвидено и казниво по чл. 288 од КЗМ, информира Фатмир Реџепи од СВР Тетово.

Само неколку денови подоцна, регистрирани се нови случаи. Па така во понеделникот (25.07.2022) во 21:30 часот во Полициското одделение Групчин, Е.Р.(40) од с. Желино, Тетовско, пријавил во дворот од куќата на неговиот брат во селото од заталкано зрно од огнено оружје бил повреден на раката. Тој бил пренесен во Клиничка болница Тетово каде му била укажана лекарска помош. Увид извршила екипа од СВР Тетово и се работи на расчистување на случајот.

Ден претходно, во истото село, заталкан куршум оштетил возило. Вечерта во 20:24 часот во Полициското одделение Групчин е пријавено дека од заталкан куршум било оштетено патничко возило „БМВ” со швајцарски национални ознаки, сопственост на Б.Б.(45) од село Сараќино, Тетовско. Полициски службеници излегле на местото и зрното било подигнато за понатамошна постапка.

Меѓу последните настани со среќен исход е еден во Тетово, во градот. Тетовецот С.С. (70) пријавил дека во понеделникот попладне, на тераса од неговата куќа пронашол зрно од огнено оружје.

Полициски службеници излегле на местата на настаните и ги подигнале зрната за понатамошна постапка. По документирање на трите случаи ќе следат соодветни поднесоци, наведуваат од МВР. Полицијата работи на расветлување и на случајот од почетокот на јули, кога беше пријавено ранување на жена. Таа била повредена од заталкан куршум, за кој не е утврдено од каде е испукан.

Испуканите куршуми мора да паднат
Гостиварецот Стојан Радически е ловец со повеќе годишно искуство и пасиониран љубител на оружје.

– Испуканиот куршум во вис, мора да падне. Е каде? На тоа мора да внимава тој што пука. Потребна е обука и затоа не може секој да поседува оружје, вели тој.

Револтиран е од неконтролираното пукање и бара од институциите доследно да ги применуваат мерките во вакви случаи, без исклучоци. Тој потсети дека на свадби на влијателни луѓе во политиката и бизнисот имало и повредени, но работите за забошотиле. Стојан е дециден дека свадбите се неминовност, но инсистирањето на традицијата да се употребува огнено оружје е опасно.

Граѓаните преку социјалните мрежи препорачуваат пукањето да се замени со побезбедни начини на прослава. Тоа го препорачуваат и органите задолжени за нивната безбедност. Во коментарите како опција, најчесто се препорачува, огномети да организираат стручни лица, користење на „ќор-фишеци” (маневарска муниција) и гасни пиштоли.

Почетокот на сезоната со помалку нарушувања< Од почетокот на годината, заклучно со 22.07.2022 година, на подрачје на СВР Тетово регистрирани се пет прекршоци против јавниот ред и мир „неовластено пукање од огнено оружје или употреба на пиротехнички средства". Сите настани се во Гостиварско и за време на одржување на свадбени прослави и семејни веселби. – При тоа, во регистрираните прекршоци нема повредени лица. Наведените прекршоци сè уште се предмет на истрага и по расчистување на истите до надлежен Основен Суд ќе следи соодветен поднесок, вели Фатмир Реџепи од СВР Тетово. Тој нагласува дека во овој период СВР Тетово во значителна мерка ги засили контролните активности на планот на откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.   Пукотниците, во споредба со минатите години, се проретчени, но речиси секоја вечер има огномети. Упатените во проблематиката велат дека со татнежот на огнометните ракети се прикрива и звукот од истрели од огнено оружје. За да се спречат непријатности, покрај другото, полициски службеници деновиве имаат состаноци со претставници на советодавните групи на граѓани и на месните и урбаните заедници на ова подрачје. На нив се укажува на потребата од превенирање на несакани безбедносни настани и последици. Реџепи потенцира дека зачестено контактираат и со сопствениците на ресторани и менаџерите. Ним се укажува дека сносат одговорност доколку во нивните објекти се користи оружје или пиротехника и доколку биде откриено дека такво нешто се случило, тие ќе заработат соодветни пријави. Пукањето на веселби е традиција која замира

Од полицијата се недвосмислени кога станува збор за ваквите настани, ќе постапуваат според законите, но сепак апелираат на воздржување.

– Имајќи ги предвид поранешните, но и актуелните искуства поврзани со овие свечености апелираме до граѓаните да се воздржат од пукање со пиштоли или друго оружје, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време се тренд и практика на свадбените веселби. Затоа повторно ги потсетуваме граѓаните дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и дека паричната глоба за ваков вид прекршок, согласно член 31, се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност”, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик на РСМ), потсетуваат од полицијата.

Упатените кои ги проучуваат и следат навиките на човекот, меѓу кои е и оваа појава, објаснуваат дека тоа што сега се случува е девијација на една стара традиција. За нив, пукањето на веселби е дел од кодот што се градел со векови.

 

– Пукањето кај христијаните е повеќе наговестувач. Кога се развиваат бајраци, се најавуваат првите зраци на светлината и раѓањето на нов ден, исто така и новородено во семејство. Кај муслиманите, низ минатото се пукало кога домаќинот сакал да објави дека во неговата куќа се слави или ќе има веселба и ги кани соседите. Меѓутоа таа традиција денес е малку модифицирана и со новите огнени оружја, некои веселби се збогатени со многу истрели. Денес се пука од глупост и бес, покажување на моќ и доминација, вели м-р Даниел Ѓорѓески историчар и етнолог од здружението ИРТКЖ-Полог Гостивар.

Според Ѓорѓески, оваа појава има корен во минатото кога, пукањето од пушки „абердарки” било најава дека доаѓаат сватовите и оти е време невестата да биде предадена на зетот. За среќа, вели тој, не се пука на секоја свадба и ова како традиција полека замира.

– Пукањето на веселби претставува дел од етничката традиција за изразување емоции при свадби, рожденства или пак сунети. Во денешно време оваа појава која е наследство од традициите на етничките заедници, се напушта и станува поретка, вели Ѓорѓески и советува пукањето да се замени со побезбедни начини на прослава.

Зоран Маџоски

Back to top button
Close