Пумпај, пумпај патни трошоци

Ако за нешто може да се каже дека ги обединува пратениците од сите политички бои, тоа е екстравагантноста со патните трошоци. Пишува Соња Крамарска.

Пратеничката функција во Северна Македонија, која е столб на демократијата и граѓанското претставување, и по 34 години од воспоставувањето не го доби вистинското место во општеството. Наместо емисари на народот на пратениците се гледа како на партиски слуги, гласачка машина на владата и распојасани државни функционери. Објективно говорејќи за таквата перцепција најголемиот дел од нив се самите виновни бидејќи и по повеќе од три децении, со мали исклучоци, јавноста не виде ниту еден пратеник во парламентарниот ринг да се бори со душа и срце за граѓански интерес.

Надоместоците за патни трошоци само го засилуваат впечатокот дека се работи за џебот а не за пренесување на пораки од избирачката база. Доследно на нивните претходници, и сегашните пратеници ја разбраа формулата за паѓање пари од небо позната како патнички трошоци. Од почетокот на мандатот на актуелниот парламентарен состав, 65 пратеници добиле надоместок за патни трошоци. Највисоката сума исплатена на пратеник е 13.200 евра или по околу 1.000 евра месечно. Собранието во тој период исплатило 18,6 милиони денари или околу 303.320 евра за патни трошоци што ги побарале пратеници.

Патните трошоци ги добиваат легално, според закон. Бог прво себеси ставил брада а потоа на другите.

Највисока сума за претходните 13 месеци му била исплатена на пратеникот ВМРО-ДПМНЕ Кире Божиновски од Ресен. Тој зел околу 13.200 евра (810.897 денари) или во просек по 1.000 евра месечно. Неговиот сопартиец од Прилеп, Петар Ристески е втор на листата со 12.000 евра (741.375 денари). Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН (ВРЕДИ) Беким Ќоку, кој доаѓа од Струга, добил околу 10.800 евра (661.892 денари). Со сума од речиси 10.000 евра (603.631 денар) е и уште еден пратеник од Струга, Јован Митрески од СДСМ. Тоа се фантастични суми за држава како што е Северна Македонија. Има и многу други пратеници со по осум или девет илјади евра.

Без ревизија на патните трошоци

Утешително е, велат бранителите на овие апсурди, што сумата е помала во споредба со некои години претходно кога на годишно ниво се трошеле и по 700-800 илјади евра од буџетот.

Но, друга е темата. Дали некој воопшто се обидува да изврши ревизија на приложените или декларираните сметки за патување на пратениците, или им се верува на чесен збор. Како да не може да се добиваат фискални сметки на поголеми суми. Во претходните состави на парламентот и врапчињата знаеја дека течеа илјадници евра во пратеничките џебови преку приложување на напумпани фискални сметки за гориво.

Пумпај, пумпај патни трошоци. Асоцијацијата со српските протести е само една тажна експресија дека некаде демократијата се користи за изразување протест против штетни политики, а некаде како во случајот со нас се користи за зацврстување на штетните практики.

Банкноти од пет, десет и 20 евра во преден план а зад нив сообраќаан знак за автопат
За патни трошоци на пратениците се исплатуваат фантастични суми за држава како што е Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Повеќето од државите се обидуваат да водат сметка за тоа дали приложените патни трошоци се уредни и веродостојни. Во Велика Британија во 2009 година избувна голем политички скандал во врска со барања за надомест на трошоци поднесени од членови на британскиот парламент. Откривањето на широко распространета злоупотреба на надоместоци и трошоци дозволени на членовите на парламентот предизвика широк гнев кај јавноста во Велика Британија и резултираше со голем број оставки, отпуштања, откажувања од избори, предвремени пензионирања, заедно со јавни извинувања и враќање на трошоците. Неколку актуелни и поранешни членови, и на Долниот дом и на Домот на лордовите беа гонети и осудени на затворски казни. Кривичното гонење почна откако трошоците беа објавени во еден медиум.

Нема солидарност со граѓаните

Кај нас за патните трошоци на пратениците досега се водеше само еден судски процес поради сомнежи за измама, но и тој заврши со ослободителна пресуда. Станува збор за случајот „Друмарина“ против поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, Силвана Бонева.

Случајот во Велика Британија не ги запре тамошните политичари и натаму да се обидуваат да ќарат пари преку декларирање на лажни трошоци. Но важно е дека системот тоа го открива и дека го санкционира. Тој случај покажува и дека без разлика за која и каква држава се работи, поривот за заработка и лажирање е ист. Различно е само како ќе се однесува државата кон таквите појави. Кај нас државата е незаинтересирана за тоа дали трошоците се лажни или вистински.

Пратениците во Македонија не се ни солидарни со своите сограѓани од кои најголем  дел живеат на работ на сиромаштија. Не само според разликите во платите, туку ниту еден од нив (ниту министрите и највисоките раководители на државата) на пример не донираше барем една плата или патни трошоци за настраданите во кочанскиот пожар. Ако некој тоа го сторил тајно, заслужува комплименти. А токму тоа се очекува од нив бидејќи со своите примања се далеку над платите што ги добиваат граѓаните. Додека граѓанин заработува просечна плата од 676 евра месечно, пратениците во Собранието, според измените на законот од почетокот на годинава, добиваат основна плата од 1.751 евра или 107.720 денари плус додатоци – што е речиси 2,5 пати повеќе.

Ако за нешто можеме да кажеме дека ги обединува пратениците од сите политички бои, тоа е екстравагантноста со патните трошоци. Во февруари годинава Левица поднесе предлог-закон со цел да се ограничат патните трошоци и тие да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри на секои изминати 100 километри. Меѓутоа, предлогот не беше прифатен и воопшто не се најде ниту на дневен ред.

Back to top button
Close