Пуштен во употреба базенот во училиштето „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода
Во Општина Кисела Вода, во склоп на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, денеска беше пуштен во употреба затворениот базен од проектот за изградба на шест базени започнат во 2020 година од тогашната Агенција за млади и спорт.

Како што беше истакнато на денешното свечено отворање, овој базен ќе им биде на располагање и на основците од другите училишта во оваа општина.
Базенот е со должина од 30 метри, ширина 20 метри, со габаритна површина од 600 квадратни метри, со димензија на коритото 9 х 25 метри и со длабочина на коритото за пливање од 80 сантиметри до 120 сантиметри.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој на свеченото отворање беше придружуван од министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, посака да бидат завршени уште многу вакви проекти.
„Многу е важно сето она што е почнато да се заврши, да не ги оставиме работите да бидат споменици на едно време, колку и тоа да ни се допаѓало или не ни се допаѓало во минатото. Пари се трошени од граѓаните и мора истото да се заврши за да може да биде ставено во функција за да може граѓаните да го користат“ рече Мицкоски дополнувајќи дека до крајот на летото уште четири базени ќе бидат пуштени во употреба во неколку градови.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека базенот ќе биде на располагање најпрво за децата од основните училишта во Кисела Вода, а потоа ќе биде отворен и за граѓаните и за пливачките клубови што ќе изразат интерес за тоа.
“Најголем приоритет ќе ни биде макар еднаш во неделата, да спортски активности во истиот имаат дечињата од основните училишта во општина Кисела Вода. Тоа многу ќе значи за напредок на физичка пред сè, но и психичка состојба кај нашите млади генерации, кај генерациите што допрва ќе ја градат оваа држава“рече градоначалникот.
Министерот за спорт Борко Ристовски рече дека без соработка со градоначалникот, ова не можело да се изведе во толку брз рок.
„Базенот во Општина Кисела Вода е еден од петте базени – другите четири се во општините Ѓорче Петров, Кичево, Битола и Штип, кои беа почнати од страна на поранешната Агенција за млади и спорт во 2020 година и беа оставени недовршени со реализација од околу 20 проценти. По откочувањето на процесот за изградба од страна на Министерството за спорт, базенот во општина Кисела Вода е завршен во рок од шест месеци, а изградбата на останатите четири базени е во завршна фаза и тие треба да бидат пуштени во употреба до крајот на летото“,изјави Ристовски.
Изградбата на базенот во Кисела Вода чини приближно 750 илјади евра.