Пуштен во употреба новиот објект на Општина Карпош

На свечен начин вечерва беше пуштен во употреба новиот објект во кој ќе биде сместена администрација на Општина Карпош.

Објектот зафаќа вкупна површина од 4.500 м2 и, како што информираат од Општината, претставува еден од најсовремените административни објекти во нашата држава, за чија финална изградба беше потребно нешто повеќе од една деценија.

Вратите на „новиот дом за карпошани“ како што изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски, ќе бидат секогаш ширум отворени за своите сограѓани, кои ќе можат на едно место да ги решаваат своите проблеми и да ги остваруваат личните права и секојдневните потреби.

– Сè започна со еден камен –темелник. Можеби тогаш изгледаше како празно парче земја, но за нас тоа беше визија – сон за една нова општинска зграда, достојна за граѓаните на Карпош. Трпеливо но сигурно, месец по месец, цигла по цигла, од темелите израснаа ѕидови. Со мака, со работа и со посветеност, чекор по чекор го изградивме овој објект. Не беше лесно, но секогаш кога имаш јасна цел, секоја пречка се надминува, рече Јакимовски.

Овој објект не е само бетон и арматура, рече Јакимовски кој верува дека таму ќе се носат важни одлуки преку кои ќе се креира иднината на Карпош.

-Нашата локална самоуправа е лидер во многу работи а со овој чин покажавме дека знаеме да изградиме објект по европски стандарди, со визија и со срце. Ова е уште еден доказ дека нашиот Карпош секогаш оди напред, истакна Јакимовски.

Првиот човек на Општината потенцираше дека новата општинска зграда не е наменета само на администрацијата. туку таа ќе биде транспарентна локална установа која им припаѓа на сите граѓани на Карпош.

Back to top button
Close