„Пуштете го, ние ќе му пресудиме“ – Родителите на жртвите од „Пулс“ со гнев кон сопственикот Дејан

Денешното рочиште во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани беше обележано со сериозен инцидент и тензии. Пред почетокот на претресот, одбраната на првообвинетиот, сопственикот Дејан Јованов – Деко, побара негово пуштање во куќен притвор поради влошена здравствена состојба.

Ова барање предизвика бурна реакција кај родителите на жртвите присутни во судницата. Изреволтирани, тие почнаа гласно да извикуваат „срамота“, а низ судницата ечеа и заканувачки тонови: „Пуштете го, ние ќе му пресудиме!“.

Адвокатката на Јованов, Ивана Коцевска, апелираше до судот да покаже „хуманост“, тврдејќи дека притворските услови се несоодветни за неговата здравствена состојба.

„Барам судот да покаже малку човечност и хуманост. Кој било друг човек да беше обвинет во ваква здравствена состојба немаше да продолжи во притворски услови“, изјави Коцевска, барајќи одлуката да биде донесена независно од јавниот притисок.

Обвинителството беше децидно: поради доставената дополнителна медицинска документација ќе се произнесат писмено, но усно го изнесоа ставот дека според затворскиот лекар, соодветната терапија може да се пружи и во притворски услови.

Back to top button
Close