Путин ја загуби војната со гасот против Германија

Русија веќе не може да ги уценува Германците со својот природен гас. Затоа што и без Гаспром имаат полни магацини и не мора да се плашат ниту за следната зима, смета Андреј Гурков.

Рускиот „гасен змеј“ веќе не може да им влева страв на Германците (карикатура на Сергеј Елкин)Фотографија: DW

Би било прерано да се зборува за воен пораз на Русија. Но, Владимир Путин ја загуби војната со гасот против Германија – тоа веќе може да се каже со сигурност. Затоа што Германија има најголем капацитет за складирање на природен гас во целата Европска Унија. А кога во средината на јануари, во екот на грејната сезона, сѐ уште се полни 90 отсто, тоа значи: прекинот на снабдувањето со руски гас веќе не е опасност.

Во моментот на рускиот напад на Украина, пред речиси 11 месеци, Германија покриваше повеќе од половина од своите потреби со гас од Русија. Затоа, за Москва, уценувањето на Германија беше сржта на економскиот притисок врз ЕУ, кој беше создаден со цел да ја поткопа европската поддршка за украинскиот народ и неговата армија.

 

Германија е без Гаспром веќе пет месеци

Но, тој план не успеа. Германците не смрзнуваат во своите станови, не мора да ја запрат работата на фабриките. Дури и во официјален Берлин исчезна стравот дека Москва може да ја парализира Германија поради одмазда. Не, Сојузната Република се осамостои од јаглен и нафта од Русија во рамките на санкциите на ЕУ, а од крајот на август веќе не добива природен гас од Гаспром.

Со други зборови: Германците живеат веќе пет месеци без наводно пресудно потребен руски гас – и се чини дека најголемата европска економија добро се справува со тоа. Додуша, сè уште се смета на рецесија, што не би било чудно со оглед на прекинот на синџирите на снабдување и експлозијата на цените на енергенсите. Но, индикаторите сè уште покажуваат дека падот најверојатно ќе биде благ. Па дури и рекордната инфлација забавува.

За тоа време Берлин ја зголемува воената поддршка за Киев, што може да се оцени како уште еден индиректен показател за неуспехот на „специјалната операција за гас“ на Путин. На почетокот на јануари – во тој момент во Германија магацините за гас веќе трета недела по ред се полни, што е нетипично за овој период од годината – сојузната влада се предомисли и одлучи да испрати оклопни возила во Украина. Може да следат и тешки борбени тенкови – ова во моментов е предмет на дискусија.

Потврда за деескалација на ситуацијата

Доказ за загубената гасна војна на Путин се и јасните показатели за смирување на ситуацијата, што германската економија и населението ги добија истовремено од два извора – од државната регулаторна институција и од една економска асоцијација.

Прво, шефот на Сојузната агенција за електрична енергија, гас, телекомуникации и железници, Клаус Милер, во интервји нагласи дека претпоставува оти флуктуациите на цената на гасот ќе завршат и дека ќе се стабилизираат на сегашното ниво. Тоа ниво, се разбира, сепак е значително повисоко од претходно, но во меѓувреме е многукратно пониско од рекордните вредности од минатото лето. Со овие цени германските производители кои трошат многу енергија може повторно да работат на стабилизирање на ситуацијата, рече Милер.

Малку подоцна, Здружението на германски оператори за складирање гас и водород ИНЕС на својата месечна прес-конференција презентираше сценарија за 2023 година. Доколку се задржат нормалните временски услови, до крајот на оваа зима резервите во магацините ќе бидат 65 отсто. Тоа би била исклучително конфорна почетна ситуација за складирање во текот на летото, така што 100 проценти зафатеност би се достигнала веќе во септември.

Со други зборови, професионалците им гарантираат на германските компании и домаќинства дека не треба да очекуваат проблеми со снабдувањето со гас ниту оваа ниту следната зима. Под претпоставка дека „тековните заштеди на потрошувачите ќе останат на сегашното ниво“, објави ИНЕС.

 

Гаспром го загуби својот голем пазар

Сепак, експертите на INES разработија и сценарио за најлош случај на значително заладување, ако достапноста на течен природен гас е драстично намалена поради многу големата побарувачка во Азија, а Русија веднаш ги запира сите испораки на гас во Европа, што би довело до солидарно споделување на германските набавки со други членки на ЕУ. Но, и во тој случај нема да има недостиг на гас во Германија ниту во оваа ниту во следната грејна сезона.

Сè на сè, сето ова е убедлива потврда дека Путин навистина ја загубил војната со гасот. Германија влезе во 2023 година без руски гас, но и без страв од таа загуба. Токму тука лежи поразот на Кремљ: рускиот природен гас веќе не е соодветно оружје против Германија. Но, последиците од таа изгубена војна со гасот се уште подалекусежни: државниот концерн Гаспром сега го загуби својот најважен странски пазар. Имено, пред една година четвртина од вкупниот извоз одеше во Германија.

Андреј Гурков

Извор: Дв

Back to top button
Close