Путин го држел Макрон на дистанца бидејќи одбил руски тест за ковид

За време на неодамнешната петчасовна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и францускиот претседател Емануел Макрон, на многумина им падна во очи тоа што двајцата државници седеа на голема далечина од дури четири метри на голема маса. Некои дипломати сугерираат дека домаќинот Путин сакал да испрати дипломатска порака за растојанието меѓу него и Макрон, Европската унија, но се чини дека причината е сосема нешто друго.

Имено, два извори упатени на протоколите на францускиот претседател за Ројтерс рекле дека руските власти му дале избор на Макрон: да прифати ПЦР тест направен од руски официјални лица или ако тоа го одбие – да се придржува до строгите мерки за социјална дистанца и да седне на маса од четири метри спроти Путин.

-Добро знаевме дека тоа значи дека нема да има ракувања и дека тој ќе седне на другиот стол од таа долга маса. Но, не можевме да дозволиме тие да дојдат до ДНК на претседателот, изјави еден извор за Ројтерс, објаснувајќи дека тоа може да биде „безбедносно прашање, кога претседателот Макрон би бил тестиран од руски лекари.

Кремљ не одговори на прашањата на Ројтерс на оваа тема.

Друг извор близок до францускиот претседател рече дека Макрон направил ПЦР тест пред неговото патување во Москва и брз антиген тест кога слетал во Русија, кој бил направен од неговиот лекар.

-Русите ни кажаа дека треба да го држат Путин во строг здравствен ‚балон’, додава изворот.

Back to top button
Close