Путин го известил Трамп дека бил спречен терористички напад во близина на Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин го информирал американскиот лидер Доналд Трамп дека заканите за терористички напади во областа на Кремљ и Црвениот плоштад биле спречени ноќта на 7 мај, објави денес помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.

Тој истакна дека Путин му кажал на Трамп и за нападите на украинската армија за време на прекинот на огнот воспоставен за прослава на Денот на победата.

„Нашиот претседател ја нагласи важноста на неодамна прославената годишнина од Големата победа и потсети дека, во пресрет на прославата, Русија, како што е познато, објави тридневен прекин на огнот. После тоа, во ноќта помеѓу 6 и 7 мај , Украина лансираше 524 беспилотни летала и американски ракети „Сторм Шедоу“ на руска територија, од кои повеќето беа насочени кон Москва. Речиси сите беа соборени. Во исто време, беше спречена заканата од терористички напади во центарот на главниот град, во областа на Кремљ и Црвениот плоштад “, рече Ушаков, пренесуваат руските медиуми.

Тој изјави дека за време на телефонскиот разговор со рускиот лидер, Трамп ја пофалил победата на советските граѓани во Втората светска војна.

„Претседателот на САД, исто така, нагласи дека е длабоко импресиониран од цената по која е извојувана оваа победа“, прецизираше тој.

Back to top button
Close