Путин му честиташе на Трамп 250 години независност на САД: „Русија и Америка имаат заедничка одговорност за светот“

Рускиот претседател Владимир Путин му испрати честитка на американскиот претседател Доналд Трамп по повод 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави, која се одбележува денес (4 јули). Содржината на писмото беше објавена на официјалната интернет-страница на Кремљ.
„Почитуван господине претседател, драг Доналде, ве молам примете ги моите искрени честитки по повод 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави“, се наведува во пораката.
Во писмото, Путин оценува дека создавањето на американската држава со потпишувањето на Декларацијата за независност претставувало важна пресвртница во светската историја.
Тој потсетува дека Русија, според неговите зборови, безусловно ги поддржала северноамериканските колонии во нивната борба за слобода од британската власт.
Рускиот претседател наведува и дека односите меѓу двете земји низ изминатите два и пол века имале многу значајни моменти, потсетувајќи на сојузништвото во светските војни и заедничката борба против нацизмот.
Путин истакнува дека Русија и САД, како најголеми нуклеарни сили, имаат посебна одговорност за глобалната безбедност и стабилност.
„Убеден сум дека воспоставувањето конструктивни, рамноправни и заемно корисни односи меѓу Москва и Вашингтон е во интерес не само на нашите народи, туку и на целата меѓународна заедница“, пишува во честитката.
На крајот од писмото, Путин му посакува на Трамп и на неговото семејство здравје, благосостојба и успех, а на американските граѓани среќа и просперитет.
Извор: skopje1.mk






