Путин нуди милијарда долари за Одборот за мир на Трамп за одмрзнување на имотот

Рускиот претседател Владимир Путин разговарал за можноста за донирање милијарда долари на Одборот за мир на претседателот Доналд Трамп, но под услов Соединетите Држави да одмрзнат дел од рускиот имот.

Како што соопшти Кремљ денеска, Путин за ова разговарал со специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и со Џаред Кушнер, јави Си-Ен-Ен.

– За време на разговорите за Одборот за мир, беше нагласена нашата подготвеност да насочиме милијарда долари во буџетот на оваа организација од рускиот имот замрзнат од страна на претходната американска администрација, изјави по средбата советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков.

Тој додаде дека остатокот од средствата од тие резерви, замрзнати по руската инвазија на Украина во 2022 година, „би можел да се насочи кон обнова на териториите погодени за време на борбите“. Според него, тоа би се случило дури откако „ќе биде заклучен мировниот договор меѓу Русија и Украина“.

Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави Одборот за мир вчера во Давос. Иницијативата им нуди на државите членки постојани места по цена од милијарда долари. Путин, кој е поканет да се приклучи на одборот, сè уште не се обврзал официјално, но и претходно ја споменуваше можноста за користење на замрзнатиот руски имот за плаќање на членарината

Back to top button
Close