Путин од средбата со Бајден сака само почит

На својата прва средба со Џо Бајден, денеска, Владимир Путин нема да очекува голем напредок во контролата на оружјето, укинување на санкциите или извинување од Бајден што го нарече „убиец“.

Рускиот претседател веќе го доби тоа што го сакаше: самиот состанок покажува дека Русија е важна.

По еднонеделните разговори со своите сојузници од Г7, Европската унија и НАТО, Џо Бајден ќе ја заврши својата прва голема турнеја во странство како претседател со средба во Женева со Владимир Путин, еден од неговите најголеми геополитички противници.

Со оглед на обемот на тензии меѓу Вашингтон и Москва – кибер нападите, мешање на изборите, затворање на Алексеј Навални, отстранување на опозицијата од политичката игра – американски и руски официјални лица ги минимизираа очекувањата од средбата.

Според експертите, за Путин е доволна само поканата на Џо Бајден, бидејќи тоа е знак на почит. Признавањето на моќта на Русија е главен мотив за Путин во текот на неговите две децении власт.

-Еден од клучните двигатели на неговата надворешна политика е чувството дека тој треба да и го врати на Русија нејзиното вистинско место во светот и овој вид настани целосно ја задоволува таа негова потреба, вели Марк Галеоти, руски специјалист од Лондонскиот универзитетски колеџ.

„Самиот состанок веќе е победа“, смета Галеоти. Особено со оглед на тоа дека Путин ќе биде еден од првите лидери со кои Бајден ќе се сретне лице в лице по доаѓањето во Белата куќа во јануари.

Иницијативата за состанокот потекна од Бајден, а таа беше предложена кога Русија демонстрираше сила и собираше десетици илјади војници долж границата со Украина.

Големиот клуб

-Средбата покажува дека Русија игра во клубот на големите, рече Александар Шумилин од Руската академија на науките. „Кремљ го гледа ова и Западот го гледа тоа“.

Никој не очекува пријателски разговор, особено со оглед на фактот дека двајцата претседатели веќе шест месеци воведуваат нови и нови санкции и контрасанкции.

Бајден дури го нарече Путин „убиец“. Изјава што доведе до повлекување на рускиот амбасадор во САД и американскиот амбасадор во Русија, соодветно во Москва и во Вашингтон.

Бајден, исто така, вети дека ќе биде цврст со Путин во врска со кибер нападите, украинското прашање и обидите на Русија да се меша во изборите во САД. Американскиот претседател, исто така, кажа дека нема да остане со скрстени раце по прашањето за „кршење на човековите права“, тема што е непријатна за Кремљ.

Русија не е во мирување – во мај, руската Влада официјално ги вклучи САД во својата листа на „непријателски земји“.

Единствениот позитивен развој меѓу Русија и САД е продолжувањето на нуклеарниот договор „Нов СТАРТ“,во февруари, последниот во договор во сила меѓу Москва и Вашингтон за контрола на оружјето.

Во интервју за Ен-Би-Си Њуз, во петокот, рускиот претседател кажа дека односите со САД „достигнале најниска точка во последните години“, но изрази надеж дека Џо Бајден нема да биде толку импулсивен како неговиот претходник Доналд Трамп.

-Не сакаме конфликт со Русија, изјави Бајден пред новинарите во Англија, во неделата по самитот на Г7.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Москва „нема илузии“ во врска со состанокот и дека најмногу што очекува е да има напредокот во прашањата за „стратешката стабилност“.

Според експертите, двајцата лидери главно ќе се обидат да им дадат на своите конфронтации попредвидлива форма.

-Односите меѓу Русија и САД станаа ирационални, рече Фјодор Лукјанов, главен уредник на весникот „Русија во глобалната политика“, кој зборува за „анархија во конфликтот“.

„Сега тие сакаат да се преселат во структуриран систем што повеќе личи на Студената војна“, додаде тој.

Одложување на проблемот

Како позитивен резултат може да се оценат и новите дискусии за контролата на нуклеарниот арсенал и за прашањето на кибер безбедноста.

На темата човекови права и Алексеј Навални, никој не очекува ништо. Исто така, нема никакви очекувања за прашањето за поддршка на Русија за сепаратистите во источна Украина.

-Путин беше стопроцентен јасен дека не ги гледа САД како рол модел во областа на човековите права и дека не треба да се очекува напредок во однос на прашањето на Украина, вели независната аналитичарка Марија Липман.

На крајот, смета Марк Галеоти, Владимир Путин може да се врати во Москва, уживајќи во својата слава, а Бајден ќе може да премине на друго прашање.

-Бајден едноставно сака (…) да го мине овој состанок и привремено да заборави на Русија. Тој има и други проблеми – Ковид, Кина, рече експертот.

Според Галеоти, „генерално“ пораката на Бајден до Путин ќе биде: „Ако не ме присилиш да постапувам, нема да ти обрнувам многу внимание“.

Back to top button
Close