Путин прогласи кратко велигденско примирје со Украина
Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Не се прецизира дали привремениот прекин на воените дејствија се однесува само на територијата на Украина, или исто така и на руската област Курск, каде Русија се бори да ги истисне украинските сили откако тие ја преминаа границата и зазедоа делови од неа во август минатата година.
Русија вчера објави дека истекла наредбата на Путин од 18 март за едномесечен прекин на нападите врз украинската енергетска инфраструктура.
– Месецот (на мораториумот) истече. Засега нема други инструкции од врховниот командант, претседателот (Владимир) Путин, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков во својот дневен брифинг за медиумите во Москва.
Москва, сепак, го поздрави делумниот прекин на огнот како „извесен напредок“ на патот кон решавање на конфликтот во Украина.