Путин: Русија победува во „праведната битка“ во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руските сили победуваат во „праведната битка“ во Украина.

– Ние направивме она што требаше да се направи и се гордееме со тоа. Ги поддржавме нашите браќа и сестри во нивната цврста и одговорна одлука. Денес, бранејќи го тој избор, нашите борци и команданти тргнуваат во напад. Целата земја, цела Русија води праведна битка и работи напорно, рече Путин во видеообраќање објавено на веб-страницата на Кремљ.

Тој нагласи дека Русија се бори за одбрана на националните интереси, историјата, јазикот, културата и верата. – Се бориме и победуваме. Заедно ја браниме љубовта кон татковината и единството на нашата историска судбина, додаде рускиот лидер.

Русија започна целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, нарекувајќи ја „специјална воена операција“ за демилитаризација и „денацификација“ на соседната држава. Киев и западните сојузници тоа го оценуваат како неоправдана империјалистичка агресија за окупација на украинска територија.

Војната продолжува и покрај дипломатските напори на американскиот претседател Доналд Трамп, кој организираше средби на високо ниво со Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и европски лидери.

Според мапи на бојното поле, Русија во моментов контролира околу 114.500 квадратни километри или 19 отсто од Украина, вклучувајќи го Крим и големи делови од источниот и југоисточниот регион.

Рускиот ресор за одбрана денеска соопшти дека неговите сили презеле контрола врз уште две населени места на фронтот во Доњецка област – Шандрихолове и Заричне. Украинските власти не го коментираа тоа, но Зеленски порача дека украинската контраофанзива кај Добропиља бележи напредок.

Back to top button
Close