Путин во телефонски разговор со Трамп истакнал дека Русија нема агресивни планови кон Европа

Претседателите на Русија и на САД Владимир Путин и Доналд Трамп, разговараа денеска по телефон за неодамнешните посети на американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер на Москва и Киев, изјави помошникот на Путин, Јуриј Ушаков.
– Телефонскиот разговор траеше точно еден час и беше конструктивен и многу отворен – рече Ушаков, јави Спутник.
За време на разговорот, Трамп јасно истакна дека е пожелно конфликтот да заврши што е можно поскоро, со што веднаш би се отвориле „многу значајни и широки перспективи“ за целосно обновување на односите меѓу САД и Русија.
Според него, тоа посебно би се одразило врз трговско-економските односи, кои на двете држави им ветуваат огромна корист. Тој наведе дека Трамп е заинтересиран да дојде до пробив за време на неговиот претседателски мандат.
Ушаков истакна дека Путин за време на разговорот рекол дека Русија нема агресивни планови кон Европа и дека тврдењата за руската закана се користат како покритие за зголемување на воените расходи. Како што наведе, Путин ја изложил и ситуацијата на фронтот.
– Патем, стана збор и за тоа што Американците реално би можеле да направат за воените дејствија да завршат што е можно поскоро. Разговорот помина во позитивен тон. Претседателите се договорија да останат во контакт и, по потреба, оперативно да се слушаат по телефон – рече Ушаков.






