Путин за почетници

Она што на многу наивни, па и добронамерни коментатори, можеше и да им заличи како неколкунеделна интензивна „антируска западна пропаганда“, на крајот излезе дека бил точен опис на намерите на Путиновиот агресивен план против Украина. Тој, всушност, во ниту еден момент не бил подготвен на дипломатско решение на проблемот што самиот го создаде, за што го тинтраа дузина меѓународни, западни државници. Не помогнаа ни предупредувањата и заканите за последиците од ваквата негова политика. Сега коцката е фрлена, а на неа има само кецови на сите страни.

Но, на тоа мораше да претходи еден типичен пропагандно-политички театар од репертоарот на „Путин за почетници“…

Глетката во Кремљ, од каде Путин вршеше директен ТВ пренос од попладневната седница на неговиот Совет за безбедност, наликуваше на некоја бизарна сцена од надреален политички игроказ: огромна кружна сала со десетметарски високи антички (дорски ли, коринтски ли, или јонски) столбови, со димензии на олимписки стадион за групен спорт. На едниот крај зад бело биро седнат современиот „руски цар“, санитарно оддалечен триесетина метри (!) од полукругот функционери, наредени во два реда бели со плиш тапацирани столици. Еден по еден, членовите на Советот за безбедност му реферираат на Путин за состојбите „на теренот“. Сите го убедуваат „нерешителниот“, оптоварен со „историската одговорност“ руски лидер (еден од функционерите видно возбуден и замуцкан, да ти бил тоа шефот на разузнавачките служби) дека двете „откинати“ провинции Луганск и Доњецк во источна Украина треба да бидат признаени од страна на Русија како независни републики, токму како што пред десетина дена Путина го советуваше и руската Дума. А тој божем се двоуми, морално се крши, светски државник е, не сака да изгледа како „лесна женска“ и да го стори тоа неуверливо, на брзина, во шоуто со директниот ТВ-пренос…

Одлуката за признавање на самостојноста (со потпишување државен указ) на украинските републики Путин ја објави неколку часа подоцна, повторно во долго телевизиско обраќање (со нему омиленото, по малку и социопатско историско попување) до сите заинтересирани за тој спектакл. Се работело за „стари руски територии“, украинската држава е историска грешка (на болшевиците), со марионетски прозападен режим во Киев.

Со слични признавања се очекува да излезат Никарагва, Венецуела, Куба… Белорусија, се разбира. Она што следува, логично, е праќањето руски воени трупи во „мирнодопска мисија“ за одбрана на „новостекнатиот суверенитет“ на Луганск и Доњецк од украинската воена закана – иако таму и онака и до сега врие од руски војници кои утре само ќе си ги променат ознаките на униформите. Сценариото се одвива точно како што со недели најгласно предупредуваше администрацијата на американскиот претседател Бајден, читајќи го Путин како отворен „селски буквар“ за овој вид на опасни провокации.

Со тоа завршува вториот чин на руско-украинската криза. Првиот беше пред осум години, со руската окупација на Крим. Како ќе изгледа третиот чин? И дали тој ќе биде последен?

Тешко е да се предвиди како ќе се одвива натамошниот расплет на тукушто ескалираната криза. За очекување е дека, откако воено ја запоседнаа источна Украина, Русите сега ќе инсистираат на дипломатија, преговори, договори, посредувања… со кои меѓународно ќе се легитимира и оваа територијална окупација. Западот ќе воведе санкции чиј обем и дострел не е познат, но речиси сигурно – за прв пат – ќе удрат и по големата (западна) индустрија на перење руски пари. Тоа ќе боли. И ништо нема да се промени.

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close